Recep Şakar
08 декември 2016•Ажурирај: 09 декември 2016
МЕЛБУРН (АА) - Надлежните власти предупредија дека инвазијата на црвените огнени мравки во австралиската покраина Квинсленд, претставува голема опасност за цела Австралија, јавува Anadolu Agency (AA).
Австралиската телевизија „Еј-би-си“ објави извештај од проектот за уништување на црвените огнени мравки, во кој се вели дека останува сѐ помалку време за реализација на тој проект.
Станува збор за мравки со смртоносен отров, кои во Австралија се појавија во 2001 година. Тие дојдоа со бродовите од Јужна Америка и за краток период станаа поголема закана од инвазијата на диви глувци, лисици и џиновски копнени жаби, со кои надлежните органи во Австралија се борат со децении.
Во извештајот се наведува дека отровните мравки ќе завладеат со цела Австралија доколку со итните мерки не се спречи нивното проширување во југоисточниот дел на Квинсленд и во провинцијата Нов Јужен Велс.
Надлежните служби бараат од владата да одвои 380 милиони австралиски долари (264 милиони евра) за борба против ширењето на огнените мравки, и предупредуваат дека годишно од каснувањето на овие отровни инсекти може да умрат до 3.000 луѓе.
„Доколку не тргнеме во решавачка битка против огнените мравки, ќе следува голем удар врз нашата економија, нашата животна средина и растителниот и животинскиот свет. Сѐ уште не е доцна и мравките може да се уништат, но времето изминува“, соопшти надлежниот истражувач Ендрју Кокс.
Австралискиот министер за земјоделство, Барнаби Џојс изјави дека борбата против црвените огнени мравки со одлука на надлежното министерство е прогласена за национален интерес и дека ќе биде на дневен ред на конференцијата што ќе се одржи во мај следната година.