Halit Süleyman,Ayşe Aktaş
07 Ноември 2016•Ажурирај: 07 Ноември 2016
ДАМАСК (АА) - Во извршениот напад на режимот на Башар ал Асад врз областите под контрола на опозициските сили во главниот град на Сирија, Дамаск, загинаа голем број луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
Според добиените информации на АА од страна на надлежните на Цивилната заштита, три лица загинале, од кои две деца, а повредени се 20 лица во извршениот напад од страна на сирискиот режим во населбата Хареста, во североисточниот дел на Дамаск. Повредените биле однесени во болници во градот.
Напад со напалм бомби врз Дума
Надлежните за цивилна одбрана изјавија дека и руските воени авиони извршиле интензивни бомбардирања во округот Дума, во областа Источна Гута. Нападите биле извршени над населените места.
„Од напалм бомбите во нападот загинаа и беа повредени голем број лица“, изјавија надлежните, кои пренесоа дека екипите за цивилна одбрана работат на гаснењето на пожарот што избувна како последица на бомбардирањата.
Силите на Асад вчера извршија напад во едно основно училиште, при што животот го загубија 8 деца, додека 15 други лица се повредени.
На 16 август 2015, областа Дума беше изложена на интезивни и крвави напади на авионите на сирискиот режим. Во овие напади беше бомбардиран еден пазар, при што загинаа 115 лица, а беа повредени 300.