Bayram Altuğ
19 Октомври 2016•Ажурирај: 20 Октомври 2016
ЖЕНЕВА (АА) – Портпаролот на Канцеларијата за координација на хуманитарни работи при ОН, Јенс Лерке, рече дека го поддржуваат предлогот на Турција за доставување хуманитарна помош во Алепо со меѓународен конвој, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својата изјава за АА, Лерке рече дека гледаат позитивно кон секој обид за доставување хуманитарна помош во Сирија, кој е во рамките на темелните принципи за транспарентност и објективност.
Нагласувајќи ја поддршката на предлогот од министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, кој тој го даде на состанокот за Сирија одржан во Лозана, Лерке нагласи дека во последниот период се скратуваат движењата на хуманитарните конвои на ОН за Сирија.
„Со задоволство ја прифаќаме понудата“
Лерке укажа на тоа дека освен ОН, хуманитарни активности организираат и некои други организации во Сирија.
„Најважната точка е дека хуманитарна помош е пристигната до поголемиот дел од Сирија, на истокот, западот, северот и на југот од државата. Според нашите претпоставки, 13 и пол милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош во Сирија. Поради ова, здраворазумно и логично е да го поддржиме секој обид за доставување хуманитарна помош. Токму затоа, со задоволство ја прифаќаме понудата“, рече тој.
Пренесувајќи дека продолжува истрагата за нападот на хуманитарниот конвој на ОН што носеше помош во Алепо минатиот месец, Лерке рече: „Вакво нешто не е прифатливо да се случи, ниту во Сирија, ниту на друго место“.
Тој меѓу другото нагласи дека хуманитарните конвои на ОН не можат да се движат сѐ додека не се воспостави лична безбедност и не се преземат потребните безбедносни мерки.
„Да се направи меѓународен конвој“
Министерот Чавушоглу во своето обраќање до медиумите по состанокот за Сирија во Лозана, изјави дека Турција предложила формирање меѓународен хуманитарен конвој за Алепо.
„Да се формира меѓународен конвој, и со различни државни знамиња и камиони да доставиме хуманитарна помош. Ова би било и симболично и без напади врз конвојот“, порача Чавушоглу.
Според податоците на ОН, во источниот дел од Алепо, кој е под опсада, живеат околу 275 илјади цивили, од кои 100 илјади деца.
Русија пред еден ден изјави дека, ќе направи „хуманитарна пауза“ на 20. октомври, во периодот 08.00-16.00 часот според средноевропско време, со цел цивилите и вооружените групи од Алепо да се преселат кон Идлиб.