Levent Tok,Mohamad Misto,Selen Temizer
19 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
ИДЛИБ (АА) - Мајката на седумгодишното девојче Бана, Фатима Алабдед, која со својата ќерка утрово од опколениот Алепо пристигна во Идлиб, рече дека еден ден ќе се врати во својот град, јавува Anadolu Agency (AA).
Бана и нејзиното семејство утрово биле евакуирани од Алепо и се пренесени во Идлиб, кој е под контрола на опозициските сили.
Фатима, професорка по англиски јазик, им се заблагодари на сите што ги следеле со нејзината ќерка преку социјалната мрежа Твитер. Таа истакна дека преку профилот на споменатата мрежа се обиделе да ја опишат ситуацијата во која се наоѓаат луѓето во Алепо.
Таа вели дека поради бомбардирањето постојано биле принудени да го менуваат местото на престој.
„Кога армијата на режимот влезе во нашата населба, ни беше страв дека ќе бидеме уапсени поради објавите на социјалната мрежа. Многу страдавме додека не се качивме во автобусот“, објаснува Фатима.
Според неа, во автобусот биле 24 часа.
„Жалиме што го напуштивме родниот град. Сакавме слобода во својата земја. Сакавме нашите деца да растат во домовите, да завршат училиште и да учат за љубовта кон татковината. Сигурно еден ден ќе се вратиме во нашиот роден град“, рече Фатима.
Фатима испрати порака до турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и побара помош. Турскиот министер во одговорот вети дека ќе бидат евакуирани семејството на Бана и другите цивили што се во градот под опсада.
Мајката и ќерката имаат повеќе од 320.000 следбеници на социјалната мрежа.
Тие во утринските часови тргнаа со конвој од Фуа и Кефреја, а превозот на цивилите продолжи од источниот дел на Алепо до Идлиб.