Sayed Khodaıberdı Sadat
23 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
КАБУЛ (АА) - Претседателот на Авганистан, Ешреф Гани, упати апел до Талибанците за ставање крај на насилствата, јавува Агеција Анадолија (АА).
Гани се обрати пред присутните на програмата на тема „Авганистан во регионална и глобална нарација“ организирана во рамки на 50. Светски економски форум во Давос.
Авганистанскиот претседател рече дека треба да се стави крај на насилството во Авганистан и дека е потребна поддршката на земјите од регионот и светот за да се воспостави стабилност. Но, според него, некои земји имаат удел во претворање на Авганистан во бојно поле.
Гани истакна дека Талибанците веќе треба да стават крај на насилството.
Тој нагласи дека единствената желба на авганистанската Влада и нејзиниот народ е да се постигне мир.
„Поголемиот дел од талибанските милитанти се уморни од војна“, рече тој, додавајќи дека тие се принудени да ги следат политичките игри на нивните челници.
Според него, сите проблеми може да се решат преку преговори, и авганистанската Влада нуди каква било можност за воспоставување на мирот.
„Ако Талибанците навистина сакаат да се стави крај на насилството во Авганистан, моментално е создадена многу добра можност. Ако тие сакаат да го користат мирот како инструмент за да ја срушат моменталната Влада, тогаш сите заедно ќе стоиме пред нив“, истакна Гани.
Тој нагласи дека кога ќе се воспостави мир со Талибанците, ќе се заштитат и правата на жените, и дека нема да се дозволи никој да врши полова дискриминација.
Гани рече дека Авганистан не е сиромашна земја и дека доколку се вршат инвестиции во секоја област, земјата поседува големи богатства.