Gülşen Topçu
23 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, го повика францускиот колега Емануел Макрон да ја признае независната палестинска држава во нејзините граници од 1967 година и со Источен Ерусалим како главен град, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Абас во Рамала се состана со францускиот претседател Макрон, а палестинската новинска агенција ВАФА (WAFA) јави дека двајцата лидери разговарале за блискоисточната криза.
Макрон на почетокот на состанокот истакнал дека Франција го поддржува решавањето на блискоисточниот конфликт на начин со признавање на Палестина и Израел како две независни држави.
Тој изјави дека Франција и понатаму ќе ги поддржува Палестинците во намерата да воспостават сопствени институции и економија.
Домаќинот на средбата, Абас, му се заблагодари на Макрон за поддршката на идејата за воспоставување мир на Блискиот Исток врз основа на воспоставување на две независни земји.
Истакнувајќи дека Израел истрајува во бескомпромисните ставови и дека САД се на негова страна, Абас изјави дека улогата на Франција и Европа е клучна за деблокада на мировниот процес на Блискиот Исток.
„Сакаме Франција и сите европски земји, кои веруваат во исправноста на решението врз основа на две држави, да ја признаат независната палестинска држава во нејзините граници од 1967 година и со Источен Ерусалим како главен град. Тоа би дало надеж за деблокада на мировниот процес и за воспоставување мир во регионот“, порача Абас.
Абас, исто така, го повика Макрон да изврши притисок врз Израел за ставање крај на опструкциите во палестинскиот обид за одржување на парламентарните и локалните избори и во окупираниот Ерусалим.
Макрон во посета на Рамала дојде откако во Ерусалим се состана со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, а треба да присуствува и на Светскиот форум за Холокаустот.