Mahmut Geldi
27 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Палестинскиот претседател, Махмуд Абас изјави дека е тешко да се постигне мировен договор со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој не го прифаќа решението за границите на двете земји од 1967 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Абас во Њујорк, пред 71. главна дебата на Генералното собрание на ОН зборуваше за палестинско-израелските односи.
„Стекнатите искуства покажуваат дека е тешко да се реализира мировен договор со Нетанјаху. Нетанјаху не прифаќа разговор за решението на двете земји во согласност со границите од 1967 година, а за тоа зборуваат Генералното собрание на ОН и неговите одлуки. Кога нема договор по тоа прашање, на основа на кој принцип ќе биде можно да се постигне мировен договор?” запраша Абас.
Тој потсети дека рускиот претседател Владимир Путин испратил претставник за да добие информации за ставот на палестинската страна кога е во прашање состанокот со Нетанјаху.
„Ние одговоривме дека оваа средба би можела да се случи, за што е известен и Нетанјаху. Тој испрати делегација во Москва тврдејќи дека нема да ја одобриме средбата, но доби одговор дека палестинскиот претседател Абас е подготвен за средба во Москва, на 8 септември“, појасни Абас.
Тој укажа и на одредени иницијативи на Израел да ги нормализира односите со арапските земји.
„Забележавме дека Израелците сакаат да побегнат од мировните иницијативи на Арапите. Оваа иницијатива предвидува воспоставување на дипломатски односи и нормализирање на односите меѓу Израел и арапските и муслиманските земји, кои би следеле по праведното решение за палестинските бегалци и повлекувањето на Израелците од окупираните територии“, истакна Абас.
Палестинскиот претседател додаде дека Израелците би требало да ја разгледаат оваа можност со договорот, но дека го игнорирале повлекувањето од окупираната територија, што Абас го оцени како бесмислено.
Палестинците бараат блискоисточното прашање да се реши по моделот на „две независни земји со границите од 1967 година“, и Палестина да биде меѓународно призната.
Абас зборуваше и за Балфоуровата декларација од 1917 година, со која на Евреите им е ветен домот во Палестина, на палестинска територија.
„Поради оваа декларација претрпевме многу. Мислам дека е време да се зборува за тоа. Ја ставаме на дневен ред за да им кажеме на Британците: Виновни сте што нашата земја ја дадовте на други луѓе. Вие кои немавте овластување за тоа, ниту од некој зедовте овластување, ниту одговорност“, истакна Абас, кој смета дека Британците направиле грешка.
Палестинскиот претседател додаде дека сметаат оти дошло време Велика Британија да ја сноси одговорноста, и дека палестинската страна нема намера да молчи поради тоа.
Абас зборуваше и за прашањето за изградба на илегалните еврејски населби на палестинска територија, кои Израел, според него, и покрај повиците на Палестина и меѓународната заедница, продолжува да ги гради.
Зборувајќи за палестинско-турските односи, тој рече дека односите на Палестина и Турција се добри и дека немаат проблем со Турција.