Rahmi Gündüz
08 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Палестина, Махмуд Абас, на Израел му се закани со суспенција на безбедносната соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
Абас за време на официјалната посета на Париз потсети на одлуката на израелскиот Парламент со којашто беше усвоен Законот за изградба на населби од 4.000 станбени единици на приватно земјиште на Палестинците.
„Доколку Израел продолжи да гради населби, нема да имам друг избор освен да ја суспендирам безбедносната соработка со израелската Влада. Се посветивме на патот на воспоставување мир и безбедност, но и ние имаме граница“, предупреди Абас.
Тој предупреди дека доколку Израел продолжи да гради илегални населби, ќе мора (Израел) да биде подготвен на последици.
„Доколку Израел ја интензивира изградбата на населбите, за она што ќе се случи ќе биде одговорна израелската Влада, а не јас“, порача Абас.
Претседателот на Палестина вчера се состана со францускиот колега Франсоа Оланд, кој предупреди на она што би можело да се случи доколку Израел ја продолжи изградбата на населби на палестинската земја.
Оланд предупреди дека овој закон ќе наштети на напорите за постигнување на решението на две држави.