Dildar Baykan
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
АНКАРА (АА) – Мелани Трамп, сопруга на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, поднесе тужба од 150 милиони долари против англискиот весник „Дејли мејл“ врз основа на објавената вест во која се тврди дека таа претходно работела како „ескорт дама“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста на „Блумберг“, адвокатите на Мелани Трамп тврдат дека со неодговорните и неосновани обвинувања на„Дејли мејл“, ѝ е ускратена можноста на првата дама на САД во светот на модните и козметичките брендови, како и од брендовите за накит да заработува како најфотографираната жена во светот.
„Добив шанса што не се добива повторно во животот, да се креира еден бренд од широк аспект во повеќе категории на продукти. Можев да заработам со продавање разни нешта како украси, обувки и козметички продукти. Но тоа не се случи“, истакна Мелани Трамп.
Тужбата ќе се процесуира од страна на Врховниот суд на (сојузната држава) Њу Јорк.
Ричард Пеинтер, советник за етички и правни прашања во Белата куќа од периодот на мандатот на поранешниот американски претседател Џорџ Буш, ја критикуваше Мелани Трамп поради наводите дека ѝ се укажала шанса да заработува пари поради влијанието на позицијата прва дама на САД и рече дека тоа е грубо кршење на кодексот и на стандардите на Белата куќа.
„Првата дама нема за цел да профитира од искористувањето на својата положба, не се работи за тоа. Тоа се погрешни интерпретации“, одговори еден од адвокатите на Мелани Трамп, Метју Блекет, во своето електронско писмо во врска со тврдењата.
Весникот „Дејли мејл“, кој излегува во Англија, излезе со тврдења дека Мелани Трамп во 90-тите години работела како „ескорт дама за елитната класа“, а не како манекенка. Мелани Трамп поднесе тужба против компанијата „Мејл медиа“, сопственик на весникот, во судот во провинцијата Мериленд, а овој суд донесе одлука дека не е надлежен за овој случај.