Lubabe Zugan,Ayşe Sümeyra Aydoğdu
15 Мај 2016•Ажурирај: 15 Мај 2016
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, изјави дека палестинскиот народ и понатаму претставува жртва на неправда, на израелската агресија и светската негрижа и пасивност кога станува збор за болката и страдањето на тој народ, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод 68-годишнината од израелската окупација која Палестинците ја нарекуваат „некбе” (Голема катастрофа), палестинскиот претседател Абас со подсредство на државната телевизија ѝ се обрати на нацијата и истакна дека процесот на Големата катастрофа и понатаму трае, како и дека палестинската земја е и понатаму средиште на неправда и тага на невиниот народ на земјата.
Абас истакна дека ќе ја поддржи француската иницијатива за одржување на меѓународната конференција во Париз со цел да се направи обид за обнова на мировниот процес на Блискиот Исток, но дека ќе ги почитува препораките на Организацијата за палестинско ослободување во врска со потребното внимание и ограничената соработка со Израел.
Нагласувајќи дека ќе го продолжи процесот на собирање и поднесување на документација на Меѓународниот кривичен суд за израелските воени злосторства, Абас остро ја критикуваше меѓународната заедница, обвинувајќи ја дека немо го набљудува продолжувањето на изградба на нелегални еврејски населби на палестинската земја, свирепите убиства и тортурата над Палестинците, сквернавењето на муслимански и христијански светилишта, како и израелското непризнавање на постоењето на палестинска нација.
„Ние правиме сè во наша моќ кога станува збор за процесот на помирување на палестинските движења Фатах и Хамас, но секогаш Хамас прави чекор наназад кога ќе се тргне кон воспоставување на националното единство. Ќе продолжиме да вложуваме максимални напори и подготвени сме да одиме до крајот, да се затвори таа темна страница во историјата на Палестинците”, изјави Абас.
Израел на 14-ти мај 1948 година ја окупираше територијата на Палестина и прогласи својата незавниснот, а тамошното палестинско население го принуди на иселување. Оттогаш, Палестинците 15-ти мај го одбележуваат како „некбе” (Голема катастрофа). Милиони Палестинци и денес живеат во бегалските кампови ширум Блискиот Исток.