Ekipa
13 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
РАМАЛА (АА) - Претседателот на Палестина, Махмуд Абас изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп го уверил во својата посветеност кон израелско-палестинските мировни напори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Двајцата официјални претставници разговараа телефонски во петокот, а палестинскиот претседател го оцени разговорот со Трамп како многу конструктивен.
Палестинската новинска агенција ВАФА ја пренесе изјавата на Абас дека Трамп искажал полна посветеност кон израелско-палестинскиот мировен процес.
Абас за време на разговорот со Трамп ја истакна посветеноста на мирот, како и на стратешкиот избор да се воспостави палестинската држава покрај државата Израел.
Неговиот портпарол Набил Абу Рудеина претходно соопшти дека Трамп за време на разговорот упатил официјална покана до Абас наскоро да ја посети Белата куќа за да дискутираат за тоа како повторно да се придвижи политичкиот процес.
Абас ја потврди таа информација и истакна дека во блиска иднина ќе ја посети Белата куќа.
Палестинците се загрижени поради пристапот на официјален Вашингтон во корист на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, откако Доналд Трамп беше именуван за претседател на САД. Нетанјаху веќе двапати разговараше со Трамп, а Вашингтон го посети минатиот месец.