Rıyaz Khalıq
23 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Меѓународниот суд за правдата денес ќе ја донесе својата пресуда за случајот поврзан со геноцидот врз Рохинџите, поднесен од Гамбија против Мјанмар, јавува Агенција Анадолија (АА).
На јавната седница во Палатата на мирот во Хаг, претседателот на Меѓународниот суд за правдата, Абдулкави Ахмед Јусуф, ќе ја прочита пресудата на Судот во 10:00 часот по локално време (0900GMT).
Меѓународниот суд за правдата во декември минатата година ги сослуша аргументите на Гамбија и Мјанмар.
Западноафриканската земја побара од Судот да преземе привремени мерки за да се запре понатамошното насилство врз Рохинџите, прогонуваната малцинска муслиманска заедница во Мјанмар.
Рохинџите ги претставува јавниот обвинител и министер за правда на Гамбија, Ебубекар Тамбаду. Државната советничка на Мјанмар, Аунг Сан Су Кји, ги бранеше активностите на Армијата на нејзината земја.
Меѓународниот суд за правдата е главен судски орган на Обединетите нации (ОН) со седиште во Хаг, Холандија.
Муслиманите Рохинџи, опишани од ОН како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 муслимани Рохинџи, од кои најмногу деца и жени, избегале од Мјанмар и преминале во Бангладеш откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година, зголемувајќи го бројот на прогонети во Бангладеш на над 1,2 милиони.
„Од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџи се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар“, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за развој „Онтарио“ (OIDA).
„Над 34.000 Рохинџи се фрлени во огнената стихија на запалените села, а над 114.000 беа претепани“, се додава во извештајот на Агенцијата насловен „Присилна миграција на Рохинџите - нераскажано искуство“.
Се наведува дека околу 18.000 жени и девојчиња Рохинџи се силувани од Војската и полицијата на Мјанмар, над 115.000 домови на муслиманите Рохинџи се запалени, а 113.000 вандализирани.