Ayhan Şimşek
08 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
БЕРЛИН (АА) - Германскиот Парламент преку Резолуција која беше усвоена вчера, повика на ставање крај на угнетувањето и насилството врз муслиманското малцинство Рохинџи во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Резолуцијата која доби поддршка од мнозинството пратеници, се повикува коалициската Влада на германската канцеларка Ангела Меркел да го искористи своето влијание врз властите на Мјанмар, со цел да се стави крај на кршењето на човековите права во земјата и признавање на правата на Рохинџите.
„На Рохинџите треба да им бидат дадени целосни граѓански и политички права, како и државјанство на Мјанмар“, се вели во заедничката Резолуција во која се повикува на безбедно, доброволно и достоинствено враќање на Рохинџите.
Заедничката Резолуција беше поднесена од страна на владејачката Демохристијанска алијанса (CDU/CSU), нејзиниот коалициски партнер Социјалдемократската партија (СПД), опозициската Слободна демократска партија (ФДП) и Зелените.
Социјалистичката левичарска партија, исто така ја поддржа Резолуцијата, додека екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), гласаше „против“.
Податоците на ОН покажуваат дека од 25 август во 2017 година, од насилствата во Мјанмар, во Бангладеш побегнале повеќе од 750.000 лица.
Според податоците на „Лекари без граници“, од 25 август до 24 септември минатата година, убиени се најмалку 9.400 муслимани.