EKipa
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
КАБУЛ (АА) - Во напад на воената болница „Сардар Мохамед Дауд Кан“ во Кабул, Авганистан, загинаа тројца, а ранети се 56 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Министерството за одбрана на Авганистан, Давлат Вазири, за АА изјави дека еден од четворицата напаѓачи, на влезот во болницата ја активирал бомбата што ја носел на себе, а дека останатите облечени во мантили влегле во зградата и почнале да пукаат.
Според неговите зборови, еден напаѓач е убиен, а пресметката на полицијата со преостанатите двајца напаѓачи сѐ уште трае на вториот и на третиот кат.
Во болницата којашто е опколена од страна на специјалните единици, судирите траат веќе неколку часа.
Голем број припадници на безбедносните сили од хеликоптери се спуштија на покривот од болницата.
Сѐ уште е непозната судбината на пациентите и на вработените во здравствените установи.
Болницата со капацитет од 400 кревети е сместена во близина на амбасадата на САД.
Одговорноста за нападот ја презеде терористичката организација ДЕАШ.
Во минатонеделните напади врз полицискиот центар и зградата на разузнавачката служба во Кабул загинаа 16 лица.