Sayed Khodaberdi Sadat
06 Мај 2018•Ажурирај: 07 Мај 2018
КАБУЛ (АА) - Најмалку десет лица загинаа во бомбашки напад кој денеска беше извршен врз џамија во источната авганистанска покраина Хост, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на полицијата, Абдул Ханан, соопшти дека силната експлозија одекнала по пладневната молитва кога верниците излегувале од џамијата.
Станува збор за централната џамија во покраината Хост, којашто се користи и како изборен центар.
„Според првичните информации, во бомбашкиот напад загинаа најмалку 10 лица, а 34 се повредени“, рече Ханан.
Меѓу повредените има повеќе животно загрозени, па се стравува од зголемување на бројот на жртвите.
Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Пред два дена, терористите на ДЕАШ извршија сличен напад врз изборен центар во Кабул, во кој загинаа најмалку 57 лица.