Sorwar Alam
06 Мај 2018•Ажурирај: 07 Мај 2018
ТУНИС (АА) - Партијата на преродбата (Движењето Еннахда) победи на локалните избори во Тунис, освојувајќи 27,5 отсто од гласовите, објави државната телевизија на Тунис, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според неофицијалните резултати, партијата Нида Тунес (Nidaa Tounes), втора по големина политичка опција со 55 места во парламентот, освои 22,5 отсто од гласовите.
Гласањето беше завршено во 18 часот по локално време, а беше забележана мала излезност. Изборната комисија три часа пред крајот на изборниот процес соопшти дека одѕивот на гласачите изнесува 21 отсто.
Комисијата наведе дека од вкупно 5,37 милиони регистрирани гласачи, до 15 часот гласале 1,08 милиони.
Дури 179 гласачки места низ целата земја се затворени поради безбедносни причини.
Официјалните резултати од изборите треба да бидат објавени на 9-ти мај.
Во Тунис денес се одржаа првите локални избори по народната револуција во 2011 година, кога беше соборен автократскиот режим на Зине ал-Абидин Бен Али.
Изборите се одржуваа во согласност со Изборниот законик усвоен во 2014 година, кој наложува подеднаков број на жени и мажи на кандидатските листи. Секој шести кандидат мора да биде од младинската популација, а меѓу првите десет имиња на кандидатските листи мора да има барем едно лице со попреченост. На припадниците на безбедносните сили им е забрането кандидирање на изборите.
Денешните избори се важни и како подготовка за парламентарните и претседателските избори кои во Тунис ќе се одржат следната година.