Enes Canlı,Mücahit Aydemir
16 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
ТРИПОЛИ (АА) - ЕНЕС ЏАНЛИ / МУЏАХИТ АЈДЕМИР -
Вооружените сили на Република Турција (ТСК), кои на повик на Владата на Либија дојдоа во оваа земја, започнаа со расчистување на населените подрачја на Триполи од мини и останати експлозивни направи поставени од нелегитимните милитантни сили предводени од Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (AA).
Тимот за деминирање (METI), кој делува во рамките на Турските вооружени сили, на овој начин се обидува да обезбеди враќање на цивилите во нивните домови.
Репортерската екипа на Агенција Анадолија го снимаше деминирањето на подрачјето Салахадин, кое се наоѓа десет километри јужно од центарот на главниот либиски град Триполи.
Експертите за безбедност соопштија дека силите на Хафтар ги користеле овие подрачја како упоришта.
Експертите на МЕТИ рекоа дека повеќето мини и други експлозивни направи се монтирани со жици кои се тешко видливи, и дека тие направи најчесто биле поставени зад вратите и на невидливи места, а имало и темпирани мини.
Предупредија дека меѓу експлозивните направи имало многу увезени од поранешните советски земји и додадоа дека за време на деминирањето посветуваат особено внимание, со цел да ги сочуваат домовите во кои ќе треба се вратат цивилите.
Во многу минирани куќи се гледаат траги од платениците на руската група „Вагнер“, кои по поразот во Триполи и западниот дел на Либија се префрлија на истокот на земјата.
На sидовите на една од куќите во подрачјето Салахадин, напишани се пцовки на руски јазик, како и слоганите „Зенит шампион“. Во истата куќа е пронајдена и книга на руски јазик со наслов „Електротехника“.
Експертите на МЕТИ велат дека во кујната на таа куќа биле пронајдени две експлозивни направи, од кои едната имала голема разорна моќ.
Извори од Турските вооружени сили соопштија дека има голем број експлозивни направи кои се монтирани во близина на Триполи, и додадоа дека во соработка со либиската Војска се прават напори за обезбедување на враќањето на цивилите.
Групата „Вагнер“ е руска компанија позната по политичките активности и испраќањето свои платеници во Сирија, Украина, Либија, но и во други земји во Африка.
Името на „Вагнер“ се слушна за време на противзаконското анектирање на Крим и поддршката на Москва за сепаратистичките групи во источна Украина.
Во соопштението на медиумскиот центар на операцијата „Вулкан на гневот“ при либиската Влада се наведува дека во изминатите десет дена во експлозии на мини поставени од страна на милитантите на Хафтар загинале 31 цивил, меѓу кои жени и деца, а дека ранети се над 40 цивили.
Либиската Влада истакнува дека милитантите на Хафтар поради минирањето на цивилни подрачја треба да бидат процесуирани како воени злосторници.
По откривањето на масовните гробници на подрачјето на градот Тархуна, либиската Влада упати повик до меѓународната заедница да се истражат злосторствата извршени од милитантите на Хафтар.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Муамер Гадафи. Водачот на сепаратистичките сили од источна Либија, Калифа Хафтар, во април минатата година започна со напади за заземање на Триполи, кои беа спречени од силите на Владата на националното единство на Либија.