Hasan Esen
16 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
ЛОНДОН (АА) - Тестовите во Велика Британија покажаа дека еден стероиден лек може да помогне за преживување на пациентите кои се тешко болни од новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Со тестовите спроведени од Универзитетот „Оксфорд“, утврдено е дека евтиниот и широкодостапен лек „дексаметазон“ го намалува ризикот од смрт од Ковид-19.
При третманот со овој лек, забележано е дека стапката на морталитет кај пациентите поврзани со респираторен уред е намалена за една третина, а кај оние што примале стандардна терапија со кислород се намалила за една петтина.
Експертите забележаа дека терапијата со ниски дози на лекот дава значаен напредок во борбата против смртоносниот вирус.
Професор Мартин Ландри од Универзитетот „Оксфорд“, кој го водеше истражувањето, за добиените резултати рече: „Ова покажува дека ако на пациентите со Ковид-19, кои се поврзани на респиратор или примаат терапија со кислород, им се даде дексаметазон, ќе им се спаси животот и тоа ќе биде по многу ниска цена.“
Друг истражувач, Питер Хорби, рече дека лекот што се користел широко за други болести за да се намали воспалението е „единствениот лек досега за кој е утврдено дека ја намалува смртноста“.
Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, соопшти дека од денеска на пациентите со Ковид-19 ќе им се дава дексаметазон и дека во магацините имаат 200.000 парчиња од овој лек.
Од друга страна, на „Би-би-си“, во веста на оваа тема се потенцира дека лекот не помага кај лицата кои имаат лесна слика на болеста и затоа не треба да се складира.