Islam Uddin
16 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Кина денес воведе карантин во уште 18 резиденцијални делови на главниот град Пекинг, по новиот раст на заразени со коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претходно, во карантин беа ставени 11 резиденцијални подрачја во близина на пазарот „Шинфади“, пазар на големо во јужната страна на градот - а сега во изолација се вкупно 29.
Властите веќе го затворија пазарот „Шинфади“ на кој се продаваше морска храна, овошје и зеленчук, за кој се верува дека е извор на новиот бран на вирусот во градот.
Според дневниот весник „Глобал тајмс“ (Global Times), во главниот град на земјата затворени се повеќе населби, со цел да се спречи ширењето на вирусот, што го претвори главниот град во „забранета зона за патувања“ од другите делови на Кина.
Во својот најнов извештај, Националната комисија за здравство на Кина соопшти дека во континентална Кина се регистрирани 40 нови случаи, од кои 27 во Пекинг, со што бројот на откриени случаи во главниот град во последните пет дена се искачи на 106.
Досега, девет од 11 окрузи во градот имаат пријавено потврдени случаи.
Градските власти им советуваат на лицата со висок ризик на изложеност на Ковид-19 да не го напуштат Пекинг, а исто така од вчера им забранија и на такси-возилата да го напуштат главниот град.
Пекинг е дом на 21,5 милиони постојани жители, кој започна со масовно тестирање, особено за оние што го имаат посетено пазарот „Шинфади“.
Повеќе градови ги предупредија локалните жители да не патуваат во Пекинг.
„Пекинг нема да стане втор Вухан, кој го претрпе најголемиот удар од вирусот во Кина. За почеток, ова не е идеална сезона за ширење на вирусот, во споредба со ширењето во Вухан во зимски услови“, рече Јанг Џанчјиу, заменик-директорот на Одделот за патогена биологија на Универзитетот во Вухан во својата статија објавена во „Глобал тајмс“.
Кина досега има регистрирано 84.378 случаи, со 4.638 смртни случаи, додека 79.489 пациенти успешно оздравеа.
За првпат коронавирусот се појави во кинескиот град Вухан, минатиот декември, а се рашири во најмалку 188 земји и региони.
САД, Бразил и Русија моментално се најпогодените земји во светот.
Пандемијата досега зеде над 437.200 животи во светот, со вирусот се заразени над 8,05 милиони, а над 3,88 милиони се излекуваа, покажуваат податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.