АНКАРА
Млада девојка во САД, преку социјалната мрежа ТикТок која потекнува од Кина, преку видео кое на прв поглед личи на препорака за шминка, успеа на дневен ред да ги донесе тврдењата за активностите што под името на образовни центри се случуваат во камповите во Синџар, автономната област на Ујгурците, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави британскиот радоидифузер „Би-би-си“ (BBC), муслиманката Фероза Азиз која живее во САД, преку социјалната мрежа која е во сопственост на кинеската технолошка компанија „ByteDance“, под форматот за „препорака за убавина“ споделила видео во кое во почетокот покажува техника за шминкање, за потоа да започне да зборува во врска со тврдењата за притисоците и заканите што Кина ги спроведува врз муслиманите во подрачјето на Синџар.
Видеото во кое Азиз зборува за употребата на виткачот на трепки, вели „Здраво, пријатели, сега ќе ви раскажам како можете да имате долги трепки. Треба да го направите следното: земете виткач на трепки, стиснете, виткајќи ги трепките, а потоа ставете го настрана.“ По ова упатство таа почнува да зборува во врска со тврдењата за сѐ што се преживува во камповите:
„Сега со помош на телефонот што го држите во рака, истражете што сѐ се случува во Кина. Погледнете како формирајќи кампови за собирање, ги приведуваат невините муслимани, ги одделуваат од семејствата, ги киднапираат, ги силуваат, ги принудуваат да јадат свинско месо, ги принудуваат да ја сменат верата и доколку не го сторат тоа, им се закануваат со смрт.“
- „Ова е нов Холокауст“
Истакнувајќи дека никој во регионот не зборува за тоа, Азиз вели „Ве молам, бидете свесни и објавете го тоа.“
Младата девојка потоа се враќа на упатството за долги трепки, со зборовите „Потоа повторно во рака земете го виткачот на трепки...“, и продолжува со препораката за разубавување, со што и го завршува видеото.
Ова видео е прегледано 1,4 милион пати на ТикТок и има добиено 500.000 лајкови. Копијата на видеото објавена на социјалната мрежа Твитер е прегледана повеќе од 5 милиони пати.
Покрај тоа, копијата од видеото е објавено и на Јутјуб и Инстаграм, со што допре до голем број корисници.
- Профилот е суспендиран
По распространувањето на видеото, Азиз преку својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека нејзиниот профил на ТикТок е суспендиран, информирајќи дека е блокирана и дека повеќе не е во можност да поставува видеа.
Видеото продолжува да се распространува преку ТикТок, но е отстрането од објава на Дујин, која е кинеска верзија на платформата ТикТок.
Во соопштението што го даде компанијата „ByteDance“ се вели „Видеата објавени на меѓународната платформа на ТикТок, поради политичката чувствителност не се цензурирани, но доколку видеата објавени на платформата која дејствува во Кина, ги прекршуваат правилата за цензура, ќе бидат блокирани од страна на Кина.“
Во изјавата се истакнува дека стариот кориснички профил на Азиз е трајно откажан на 15 ноември, поради „содржина поврзана со тероризам“, и дека како превентивна мерка, на 25 ноември блокиран е нејзиниот телефонски број.
Покрај тоа, во соопштението се зборува и за новиот профил на Азиз и содржината на споменатото видео, и дека тоа продолжува да се прикажува во меѓународната верзија.
- Критика за односот во камповите
Меѓународната заедница последните години ги критикува активностите што Кина ги спроведува во камповите именувани како образовни центри во Синџар, автономната област на ујгурските Турци, во кои се прекршуваат идентитетот и културата на Ујгурците.
На состанокот на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН), одржан во јули, 22 земји членки потпишаа писмо во кое се критикува Кина поради нејзиниот третман на ујгурските Турци и останатите малцинства во подрачјето на Синкјанг, автономната област на Ујгурите, апелирајќи да се запрат масовните приведувања.
Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) се вели дека во подрачјето на Синкјанг, во последните две години голем број невини луѓе се приведени под образложение за „превентивна полициска мерка“. Во истиот извештај се вели дека поединците кои од политички аспект се сметаат за опасни, без каква било судска одлука се испраќаат во логори.
Иако ОН и другите меѓународни организации ги повторуваат барањата за отворање на вратите на камповите за разгледување, Кина досега овозможи влез на мал број дипломати и претставници на медиумите и делумен преглед на само неколку кампови што самата ги одреди. Кинеските власти ги враќаат барањата на претставниците на ОН за слободно разгледување на регионот од нивна страна, со цел директно информирање.