АНКАРА (АА) - Американскиот сенатор Линдзи Грахам, истакнувајќи дека ПЈД/ЈПГ е поврзана со терористичката организација ПКК, изјави: „Треба да ја заштитиме Турција и да го решиме проблемот (ЈПГ/ПКК) кој го предизвикавме за Турција во Сирија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Грахам, во рамки на неговата посета на Анкара оствари средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и со турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, а по овие средби одржа прес-конференција.
Грахам рече дека заедно со претседателот на Турција, Ердоган, учествувале на концертот на турскиот пијанист Фазил Сај, и упати благодарност до Ердоган поради неговата покана.
Грахам информираше дека на преден план на средбите кои ги реализирал, било прашањето околу Сирија, и дека американската стратегија во периодот на Барак Обама била погрешна.
„Кога дознав за вооружувањето на ПЈД/ЈПГ, многу добро знаев што подразбира тоа за Турција. Политичката гранка на ЈПГ е поврзана со ПКК. Доказите се многу јасни“, додаде тој.
Грахам се осврна и на желбата на САД за повлекување од североисточниот дел на Сирија.
„Ја разбирам желбата (на администрацијата) за повлекување. Но едно повлекување без план ќе биде хаос. Го предупредив претседателот Доналд Трамп да не излегува на тој начин како што тоа го направи Обама“, нагласи Грахам.
Грахам истакна дека повлекувањето на САД треба да служи за три цели, меѓу кои поразување на ДЕАШ и спречување на победата на Иран.
„Следното е толку важно колку што се важни и овие другите. Треба да ја заштитиме Турција и да го решиме проблемот (ЈПГ/ПКК) кој го предизвикавме за Турција во Сирија. На претседателот му реков: ’Ако се повлекуваме, а тоа не го направиме правилно, ќе создадеме кошмар за Турција.‘ Обама, вооружувајќи ја ЈПГ, создаде кошмар за Турција. Трамп треба да биде многу внимателен во повлекувањето, и овој проблем не треба да ѝ го остави на Турција“, рече Грахам.
Американскиот сенатор нагласи дека повлекувањето на САД без да ги постигне овие цели можно е да предизвика една поширока војна во регионот. „Повлекувањето нема да стави крај на војната против ДЕАШ, туку ќе започне нова војна“, додаде тој.
Според него, Турција во овој случај ќе биде принудена да ги исчисти вооружените терористички елементи во Сирија: „Дел од тие групи се групи кои ние ги вооруживме.“
Грахам истакна дека Вашингтон со проблемот на ПКК/ЈПГ треба да се справи на начин на кој Турција ќе се убеди дека овој проблем е решен, и дека на тој начин сојузниците на САД во иднина ќе ги убеди дека соработката со Вашингтон е нешто добро.
„Мислам дека началникот на Генералштабот на американската војска, генералот Џозеф Данфорд, има еден план кој ќе ги исполни овие цели. Данфорд има еден план во насока во која Турција, кога ќе ги отстрани елементите на ЈПГ/ПКК, нема да чувствува закана. Можеме да создадеме една тампон-зона во овој регион која ќе ја отстрани загриженоста на Турција за нејзината национална безбедност. Кога ќе го направиме сето тоа, ќе успееме да ја отстраниме и загриженоста на луѓето кои во минатото ни помогнаа. Важно е тоа да го направиме праведно“, рече Грахам.
Грахам нагласи дека одлуката на арапските земји за соработка со Асадовиот режим е нивен ризик.
„Според мене и мислењето на бројни членови на Конгресот, Асад е воен злосторник. Го ценам начинот на кој Трамп му одговори на хемиските напади. Ердоган беше многу решителен во својот став, иако имаше една врска со семејството Асад. Мислеше да работи со Асад. Но откако Асад уби 400.000 лица, одлучи дека овој човек не може да го продолжи својот легитимитет. Целта е да се стави крај на судирот, да се оди во Женева, да се постигне нов договор, да се пишува устав и потоа да се реализираат избори. Тоа е наша цел, но како ќе ја реализирате таа цел? Што ви e потребно за тоа? Треба да имате адут во ваши раце. Оставање на северна Сирија во рацете на Иранците нема да ви даде придонес во оваа ваша цел. На нашите пријатели во Израел нашето повлекување ќе им даде имиџ во насока дека ќе оставиме супер брз автопат од Техеран кон Бејрут, кој поминува од Сирија. За нашите израелски пријатели, Сирија ќе стане втор Либан“, истакна Грахам.
Грахам рече дека ако ПКК/ЈПГ избира да работи со Асадовиот режим, тоа ќе биде ризик кој сама ќе го преземе.
„Безбедносната зона која ја предвидувам, не е возможно да се реализира без да се открие Мапата на патот на Мунбич. Пред сѐ, она што треба да го направиме ние како САД е да ја реализираме Мапата на патот на Мунбич, и тоа со заедничка патрола, отстранување на ЈПГ од Мунбич, потоа формирање една тампон-зона која ќе се движи кон источниот дел на Еуфрат. Ако не го направиме тоа во Мунбич на праведен начин, не мислам дека праведно ќе ја одржиме тампон-зоната. Но ако успееме праведно да ја реализираме Мапата на патот на Мунбич, тогаш безбедносната зона ќе создаде вин-вин ситуација за сите“, додаде американскиот сенатор Грахам.
news_share_descriptionsubscription_contact
