Esra Tekin
13 Декември 2024•Ажурирај: 16 Декември 2024
Агенцијата на Европската унија за соработка во спроведувањето на законот (Европол) денес објави дека терористичката организација ПКК е вмешана во криминални активности како шверц на дрога и шверц на луѓе во Европа, остварувајќи милиони евра незаконски профит, известува Анадолу.
Извештајот на Европол за состојбата и трендовите во врска со тероризмот ЕУ за 2024 година нагласува дека етнонационалистичките и сепаратистички терористички групи, вклучително и ПКК, остануваат активни во ЕУ.
Во извештајот се наведува дека членовите на ПКК и ќелиите во земјите на ЕУ продолжуваат со собирање средства, регрутирање, обука и пропагандни активности во текот на целата година.
„Се верува дека најголемиот дел од средствата собрани за ПКК доаѓаат од легитимни активности (донации, настани, членарини, продажба на стоки и медиумски производи итн.), како и од криминални активности како што се изнуда, измама, рекетирање, перење пари или трговија со дрога“, се наведува во извештајот.
Се додава дека терористичката група собира милиони евра годишно под маската на „кампањи“ низ Европа, а средствата се користат за пропаганда и регрутирање терористи.
Во извештајот, исто така, се истакнува дека пропагандата на ПКК, особено е насочена кон курдската младина, и се шири преку активисти, новинари, веб-страници, телевизии, социјалните медиуми и печатените медиуми.
„Некои од медиумите кои ПКК ги користи за ширење на својата пропаганда се лоцирани во ЕУ“, се вели во извештајот.
Се споменува и дека постојат докази дека ПКК киднапира поединци за да ги испрати во конфликтните зони или да ги користи во терористички ќелии во ЕУ.
Според извештајот, во 2023 година, силите на ЕУ за спроведување на законот извршиле 25 приведувања поврзани со сепаратистички тероризам, од кои девет биле поврзани со членови на ПКК.