свет

Папата Лав XIV: Исламофобијата во Европа е поттикната од оние што сакаат да ги исклучат другите

Тој нагласи дека коегзистенцијата на христијаните и муслиманите во Либан нуди лекции за Европа и Северна Америка и дека мора да се следат патиштата за вистински дијалог и почитување

Barış Seçkin, Şenhan Bolelli  | 03.12.2025 - Обновена : 03.12.2025
 Папата Лав XIV: Исламофобијата во Европа е поттикната од оние што сакаат да ги исклучат другите

РИМ (АА) - Папата Лав XIV вчера изјави дека исламофобијата во Европа често е поттикната од групи и поединци што настојуваат да ги исклучат луѓето со различна вера или етничко потекло, јавува Анадолу.

Тој нагласи дека коегзистенцијата на христијаните и муслиманите во Либан нуди лекции за Европа и Северна Америка и дека мора да се следат патиштата за вистински дијалог и почитување.

Понтифот се врати во Рим со специјален лет на „ИТА ервејс“ по завршувањето на првата официјална надворешна посета, која ги опфати Турција и Либан.

Во разговор со новинарите за време на летот, тој се осврна на посетата и на повеќе меѓународни и регионални прашања.

Кога беше запрашан дали ќе ги искористи своите контакти со американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да помогне во запирање на израелските напади врз Либан, папата одговори дека верува оти „одржлив мир е можен“.

„Веќе започнав да разговарам со некои од лидерите што ги спомнавте, иако ограничено, а имам намера да продолжам – лично или преку Ватикан“, рече тој.

Папата додаде дека во Либан разговарал и со политички претставници поврзани со внатрешните и меѓународните конфликти.

„Нашата работа, всушност, не е нешто што го објавуваме јавно. Тоа е повеќе активност што ја спроведуваме зад сцената. Всушност, ние веќе го правевме ова и ќе продолжиме да се обидуваме да ги убедиме страните да се откажат од оружјето и насилството, да седнат на масата за дијалог и да бараат решенија што не вклучуваат насилство и би можеле да бидат поефикасни и подобри за луѓето“, рече тој.

Запрашан за тоа дали Хезболах ја примил пораката што тој ја пратил за време на посетата, папата потврди: „Да, ја видов таа реакција. Црквата отсекогаш се залагала за отфрлање на оружјето и барање дијалог. Но освен тоа, не би сакал да коментирам во овој контекст.“

Одговарајќи на прашања за зголемените тензии меѓу НАТО и Русија и предлогот на Трамп за мировен план за Украина, кој првично ја исклучуваше Европа, папата рече: „Ова прашање, секако, е многу важно прашање за светскиот мир. Но Ватикан нема директно учество бидејќи не сме членка на НАТО ниту, пак, сме играле директна улога во дијалогот што се води досега.“

„Сепак, ние постојано повикуваме на прекин на огнот, на дијалог и на крај на војната. Но денес се соочуваме со конфликт со многу димензии.“

Тој додаде дека Трамп прво разгледал мировен план без учество на Европа.

„Присуството на Европа, всушност, е многу важно. Поради оваа причина, тој почетен предлог беше изменет во согласност со загриженоста изразена од Европа. Мислам дека Италија може да игра многу важна улога бидејќи, културно и историски, Италија има капацитет да дејствува како посредник меѓу различни страни, вклучително Украина, Русија и САД“, рече тој.

Папата рече дека Ватикан може да ги поддржи таквите напори за посредување и нагласи дека сите страни мора да работат заеднички за да бараат решение што ќе обезбеди вистински праведен мир за Украина.

На прашањето од друг новинар како гледа на верувањето кај некои католици дека исламот го загрозува христијанскиот идентитет на Западот, папата Лав XIV рече: „За време на мојот престој во Турција и Либан, сите состаноци што ги одржав се фокусираа токму на мирот и почитта меѓу луѓето од различни религии. Вистината е дека знам дека не било секогаш така.“

„Знам дека понекогаш постојат стравови во Европа, но тие често се поттикнуваат од оние што се противат на миграцијата и кои се обидуваат да ги исклучат луѓето што доаѓаат од друга земја, друга религија или друго етничко потекло.“

Тој рече дека дијалогот и пријателството меѓу муслиманите и христијаните навистина се можни.

„Мислам дека една од големите лекции што Либан може да го научи светот е дека тоа е земја каде што постојат и исламот и христијанството и каде што се можни коегзистенција и пријателство.“

„Приказните што ги слушнавме во изминатите два дена, сведоштвата за муслиманите и христијаните што си помагале едни на други, дури и во селата што биле уништени, се важни лекции што треба да се слушнат и во Европа или во Северна Америка. Можеби треба да бидеме малку помалку исплашени и да бараме начини да поттикнеме вистински дијалог и меѓусебно почитување“, рече тој.

Во врска со растечките тензии меѓу САД и Венецуела, папата рече: „Во такви ситуации, оние што обично страдаат не се властите, туку народот. Изјавите од САД често се менуваат.“

„Од една страна, се вели дека двајцата претседатели разговарале по телефон. Од друга страна, постои опасност, можност, дека може да има акција, операција, вклучително и инвазија на венецуелска територија. Не знам повеќе. Лично се надевам дека ќе се бараат патишта за дијалог, можеби економски санкции, но, во секој случај, потрага по дијалог.“

Папата Лав XIV рече дека сака да ги посети Аргентина, Уругвај и Перу, но веројатно прво ќе отпатува во Африка.

Тој, исто така, изрази желба да го посети Алжир.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.