Meltem Bulur
06 Октомври 2017•Ажурирај: 07 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Амбасадорот на Ирак во Анкара, Али Акбар Ибрахим ал Алави, денес во Анкара изјави дека Турција и Ирак имаат блиска соработка по прашањето за контрола на граничниот премин Хабур, и дека за контролирање на овој премин, доколку биде потребно, ќе биде употребена и сила, јавува Anadolu Agency (AA).
Алави се обрати на прес-конференција во Анкара, а во таа пригода изјави дека моментално работи на подготовките за посета на турскиот премиер Бинали Јилдирим во Багдад.
„Двете влади имаат потреба да разговараат лице в лице. За време на овој состанок, нема да се зборува само за неодамнешниот референдум, туку и за билатералните и регионалните прашања“, изјави Алави.
Тој се осврна и на прашањето за нелегитимниот референдум во Курдската управа во северен Ирак, и потсети дека Владата на Ирак од почетокот нагласува дека се работи за референдум кој е во спротивност со Уставот на Ирак, и оти сличен став зазеле другите земји, како и меѓународната заедница.
Алави потсети дека неговата земја ќе преземе одредени чекори за референдумот да биде поништен и Барзани повторно да седне на маса. Тој изрази задоволство што одредени земји го поддржале Ирак на тој план.
Кога станува збор за купопродажбата на нафта меѓу Ирак и Турција, Алави нагласи дека министерствата за енергетика на двете земји работат на еден нов меморандум за разбирање.
Тој изјави дека тој меморандум нема да се однесува само на купопродажба на нафта и гас, и оти со него генерално ќе бидат зајакнати рамките на соработата на полето енергетика и електрична енергија.
Тој додаде дека Ирак и Турција имаат мошне блиска соработка и кога е во прашање контролата на граничниот премин Хабур.
„На граничниот премин поставивме 41 службеник. Доколку биде потребно, за контролата на граничниот премин ќе употребиме и сила. Воената вежба беше подготовка за тоа. Меѓу двете земји, во тек се преговорите и за отворање нов граничен премин“, изјави Алави.
Како што рече тој, отворањето на новиот граничен премин е потребно не само поради ситуацијата околу нелегитимниот референдум, туку и поради потребата за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.