Бразилците протестираа на улиците поради царината од 50% на Трамп
– Голем број луѓе се собраа на улиците на Сао Паоло и Рио де Жанеиро, во Бразил, во знак на протест поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царина од 50% за оваа земја

СКОПЈЕ (АА) – Голем број луѓе се собраа на улиците на Сао Паоло и Рио де Жанеиро, во Бразил, во знак на протест поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царина од 50% за оваа земја, известува Анадолу.
Учесниците во протестот носеа транспаренти упатувајќи критики за царината од 50% на Трамп за Бразил. Демонстрантите, исто така, ги критикуваа и коментарите на Трамп за поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.
Во објавата на платформата X актуелниот претседател на Бразил, Лула да Силва, предупреди дека Бразил ќе одговори на едностраното зголемување на царините од страна на САД во согласност со Законот за економски реципроцитет.
Нагласувајќи дека Бразил е суверена земја со независни институции што нема да се користат за да им служат на интересите на која било друга земја, Лула да Силва истакна дека САД имаат трговски суфицит од приближно 410 милијарди долари со Бразил во последните 15 години.
Потенцирајќи дека сите компании, домашни или странски, мора да се придржуваат кон бразилскиот закон за да работат во земјата, Лула да Силва во објавата наведе: „Затоа секое еднострано зголемување на царините ќе се решава во согласност со бразилскиот Закон за економски реципроцитет. Суверенитетот, почитта и непоколебливата одбрана на интересите на бразилскиот народ се вредности што ги водат нашите односи со светот.“
Трамп објави дека бразилските производи, одвоено од сите секторски царини, ќе бидат предмет на царина од 50 проценти.
Трамп наведе дека новата царина ќе стапи на сила на 1 август и предупреди дека производите што ќе се обидат индиректно да се увезат во САД за да се избегне данокот од 50 проценти ќе бидат предмет на повисока царина.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.