Recep Şakar
04 Ноември 2017•Ажурирај: 05 Ноември 2017
МЕЛБУРН (АА) - Илјадници лица во австралискиот Мелбурн учествуваа во марш организиран во знак на поддршка на мигрантите и бегалците кои од безбедносни причини не сакаат да го напуштат прифатниот центар на островот Манус на подрачјето на Папуа Нова Гвинеја, јавува Anadolu Agency (AA).
Прифатниот центар е основан од австралиската влада за таму да ги задржи барателите на азил кои со бродови се обидуваат да влезат во Австралија.

Мигрантите и бегалците се затворени во прифатниот центар и се плашат од преместување. Протестите во Мелбурн ги организираше Унијата за мигрантски активности, а ги поддржаа голем број на невладини организации. Бараа мигрантите и бегалците да се доведат во Австралија.
Федералниот претставник на Партијата зелени Адам Бандт, потсети дека владата кога се во прашање мигрантите ги користи изразите тероризам и терористи.

Тој истакна дека луѓето на островот Манус живеат во страв. Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Слобода за мигрантите“, „Донесете ги тука“ и „Добредојдовте мигранти“.
Тие маршираа до центарот на градот каде два часа седеа на улиците, правејќи блокада на собраќајот. Прифатниот центар на островот Манус официјално е затворен на 31 октомври, а за 600 лица кои се наоѓаа во него, обезбедени се нови места за живеење во градот Лоренгау.
Меѓутоа, мигрантите и бегалците не го прифатија ова решение поради претходните напади на локалното население. Останаа во прифатниот центар без струја, вода и храна.
Обединетите нации (ОН) упатија повик до австралиската влада итно да се обезбеди заштита, храна, вода и други потреби за лицата кои се наоѓаат во центарот.