Umar Farooq
30 Декември 2018•Ажурирај: 31 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини демократите за смртта на двете деца мигранти, кои починаа во американски притвор, по преминувањето на границата од Мексико, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Секоја смрт на деца или на други лица на границата е исклучиво вина на демократите и на нивната патетична имиграциска политика која ги поттикнува луѓето да тргнат на долг пат, мислејќи дека можат да влезат во нашата земја илегално“, напиша Трамп на Твитер. „Немаше да можат. Доколку имавме ѕид, тие дури немаше ни да се обидат!“
Коментарите на Трамп доаѓаат на осмиот ден од делумното нефункционирање на владата, кое започна откако демократите го отфрлија предлогот за буџетот, за алокација на 5 милијарди долари, со цел завршување на ѕидот долж јужната граница на САД.
Две деца мигранти починаа овој месец во текот на нивното задржување од страна на пограничните служби на САД, кога беа фатени при илегално преминување во САД.
Мигрантите од Централна Америка во сè поголем број се обидуваат да стигнат до САД поради големата сиромаштија и насилството на бандите во регионот.
Големите групи наречени каравани го поттикнаа Трамп да распореди војници долж границата во обид за спречување на потенцијалните илегални премини.
„Двете деца кои починаа беа многу болни пред да ѝ бидат предадени на граничната полиција. Таткото на малото девојче кое почина рече дека тоа не е нивна вина (на службите), бидејќи тој не му дал вода со денови“, истакна Трамп. „Граничната полиција има потреба од ѕидот и сево ова ќе заврши. Тие работат толку напорно, а добиваат многу малку заслуги!“
Во петокот Трамп се закани дека ќе ја затвори границата откако демократите во Конгресот не го повлекоа своето противење во врска со финансирањето за завршување на ѕидот.