Hakan Çopur
12 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп изјави дека осомничениот за вчерашниот бомбашки напад во Њујорк, Акајед Улах, во САД добил виза врз основа на поврзување на семејствата, и побара од Конгресот да го ревидира системот за издавање такви визи, јавува Anadolu Agency (AA).
Белата куќа објави соопштение во кое американскиот претседател Трамп најостро го осудува вчерашниот бомбашки напад во центарот на Њујорк, во кој беа повредени најмалку три лица, и напаѓачот.
„Од првиот ден од претседателската кандидатура велев дека американскиот систем за мигранти мора да се преуреди. И осомничениот за нападот во Њујорк во нашата земја дошол врз основа на поврзување на семејствата, што не е во согласност со националната безбедност на САД“, порача Трамп.
Истакнувајќи дека сегашниот американски систем за прием на мигранти не наложува детална контрола на доаѓањата од многу земји, Трамп рече дека неговата администрација почнала со коригирање на овој систем и веќе вовела рестрикции за мигрантите од осум земји, меѓу кои шест се со доминантна муслиманска популација.
Трамп, исто така, порача дека на лицата вмешани во терористички активности мора да им се изрекуваат најострите казни, вклучувајќи и смртна казна.
Од друга страна, пак, преку пишано соопштение до јавноста се обрати и семејството на осомничениот за вчерашниот напад, а соопштението го објави њујоршкиот претставник на Советот за американско исламска соработка (CAIR) Алберт Фокс Кан.
Најостро осудувајќи го терористичкиот напад, семејството на осомничениот напаѓач тврди дека полицијата на Њујорк на неприфатлив начин се однесувала кон нив.
„Тажни сме бидејќи четиригодишни деца се истерани од куќата на студот, а еден малолетен член на семејството е изведен од настава и испрашуван без присуство на адвокат“, се наведува во соопштението.
Семејството изразува целосна доверба во правосудниот систем на САД и бара да се откријат сите детали од вчерашниот напад.