Emin Avundukluoğlu
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека во наредните денови ќе ги продолжи разговорите со својот американски колега Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател и челник на владејачката турска Партија за правда и развој, Ердоган, денеска се обрати во клубот на парламентарните претставници на оваа политичка опција и потсети дека на 24 ноември остварил телефонски разговор со Трамп.
„Тоа беше разговор со којшто по подолго време повторно воспоставивме врска во турско-американските односи. Ќе продолжиме да го одржуваме овој контакт и во наредните денови повторно ќе разговараме за темите за терористичките организации ЈПГ и ФЕТО, како и за процесите против турската држава и соработката во одбраната“, рече Ердоган.
Водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, и понатаму престојува во САД, а Турција бара тој да биде екстрадиран. На 15 јули минатата година, ФЕТО изврши обид за воен удар во Турција, во којшто загинаа најмалку 250 лица.
Втора точка на несогласувања во турско-американските односи е сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, која во северна Сирија дејствува како група ПЈД и нејзиното воено крило ЈПГ.
САД ја сметаат групата за партнер и ја поддржуваат во борбата против терористите на ДЕАШ, а пак Турција негодува и тврди дека борбата против тероризмот не може да се води во соработка со терористи.
За време на последниот телефонски разговор, Ердоган и Трамп се согласија за потребата од борба против сите форми на тероризам и разговараа за билатералните односи, како и за актуелната ситуација во Сирија.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, откри дека американскиот претседател Трамп на својот турски колега Ердоган му кажал оти САД повеќе нема да испраќаат оружје за терористичката група ПКК / ПЈД.