Fatih Hafız Mehmet
24 Декември 2017•Ажурирај: 24 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека Турција е одлучна да ја исчисти Африка од елементите на терористичката организација ФЕТО, која минатата година во Турција изврши обид за воен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган отпатува во официјална посета на Судан, а непосредно пред поаѓањето им се обрати на новинарите на аеродромот „Есенбога“ во Анкара и истакна дека терористичката мрежа ФЕТО ја измамила целата светска јавност со активностите кои ги спроведувала под плаштот на образованието и хуманитарните акции.
„Турција е одлучна да ја исчисти Африка од ФЕТО убијците. Многу африкански земји по минатогодишниот обид за пуч ги депортираа припадниците на ФЕТО и образовните установи на таа терористичка организација ги предадоа на фондацијата Маариф“, изјави Ердоган.
Според податоците на турското Министерство за образование, фондацијата Маариф до сега презела контрола над 32 образовни установи кои во африканските земји ги водел ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за минатогодишниот обид за воен удар во Турција во кој загинаа 250, а беа повредени најмалку 2.200 лица.
Турскиот претседател се осврна и на новоусвоената одредба според која осомничените и обвинетите терористи на ФЕТО на судовите ќе се појавуваат во кафеави и сиви униформи, и додаде дека тоа било барање на жртвите.
„Таа мерка е само одговор на барањето на жртвите и тоа не е нешто што постои само во Турција. САД и голем број други земји ги практикуваат таквите мерки“, изјави Ердоган.
Ердоган по Судан ќе ги посети и Чад и Тунис, а утринава го коментираше и неодамнешното изгласување на одлуката за Кудс (Ерусалим) во Генералното собрание на ОН, со кое американската одлука за Ерусалим како главен град за Израел е правно неважечка.
На прашањето дали ќе разговара со американскиот колега, Доналд Трамп, Ердоган изјави дека постои можност за нивен разговор, но дека за тоа сѐ уште не донел никаква одлука.