Husamedin Gina
05 Ноември 2021•Ажурирај: 06 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - На покана на министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, денеска во прва официјална посета на Северна Македонија престојува албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министрите Шекеринска и Пелеши на средбата, како што се наведува во соопштението на Министерството за одбрана, се согласиле дека Северна Македонија и Албанија како земји сојузнички во Алијансата денес се соочуваат со поголем потенцијал и можности за развој на соработката.
Во тој дух, министрите исто така се согласија дека треба да биде инициран нов и сеопфатен Договор за билатерална соработка кој ќе овозможи уште поинтензивна и поблиска одбранбена соработка.
Според соопштението, министерката Шекеринска на средбата порачала дека Северна Македонија цврсто верува во регионалниот развој на одбраната преку блиска соработка и вложувањето во специфични капацитети кои би биле на располагање на сојузниците.
„Паметната одбрана е најефикасниот и најдобриот начин напред. Северна Македонија развива специфични капацитети кои ги нудиме на сите сојузници, а еден од нив е и Регионалниот центар за односи со јавноста и справување со дезинформации. Отворени сме за блиска соработка и во рамките на заедничките обуки и военото образование, а работиме и на интензивирање на воените вежби како најдобар начин за развој на интероперабилноста во НАТО“, истакна Шекеринска.
Од друга страна, министерот Пелеши на средбата информира дека албанската Воена академија е во фаза на реорганизација и развој по примерот на најдобрите светски воени школи. Двајцата министри се согласија дека треба да се овозможи размена на студенти од воените академии на двете земји.
„Ние сме соседи и сојузници. Се надевам на интензивирање на одбранбената соработка и на голем број заеднички проекти. Комплементарноста е од клучно значење“, рече Пелеши.
Меѓу другото, Шекеринска и Пелеши разговараа и за интеграцијата на двете земји во Европската Унија, и укажаа на потребата од што е можно поскоро отворање на преговорите и за Северна Македонија и за Албанија.
„Со нашата искрена билатерална соработка, со интензивното учество во регионалните иницијативи, ние како земји членки на НАТО ги штитиме евроатлантските вредности во регионот. Нашата одбранбена и сојузничка соработка ја зацврстува безбедноста во регионот и испраќа уште една порака – местото на Албанија и Северна Македонија во ЕУ е заслужено“, рече министерката, и додаде дека земјите испорачаа, сега е на ред да испорача Унијата.
Официјалната посета на албанскиот министер за одбрана се реализира само еден ден по министерскиот состанок на регионалната иницијатива СЕДМ и 15 дена по заедничкото учество на министрите Шекеринска и Пелеши на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО.