Zylfije Adem Jakupi
19 Февруари 2020•Ажурирај: 20 Февруари 2020
ПРИШТИНА (АА) - Министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Глаук Коњуфца и вршителот на должноста министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, се согласија дека соработката на двете земји треба да се продлабочи, јавува Агенција Анадолија (АА).
По едночасовната средба, на заедничката прес-конференција министерот Коњуфца истакна дека односите на Косово со Албанија не можат да се опишат како пријателски, блиски и одлични, затоа што тие се повеќе братски односи. Тој рече дека десетици досега потпишани договори треба да се применат, а и дека и покрај големата работа направена досега, има простор уште поголемо проширување на соработката.
„Откако Владата на Харадинај воведе 100 отсто такси на стоката од Србија, трговијата со Албанија во однос на Косово порасна за 300 отсто. Но, тоа не се случи во иста мера со размената што оди од Косово во Албанија. Тоа ќе се поправи и тоа треба да го регулираме бидејќи секако дека нашите трговски и економски односи треба да одразуваат заемен интерес“, изјави Коњуфца.
Тој се заблагодари на Владата на Албанија и на министерот Цакај за помошта и заштитата на косовските интереси на меѓународната сцена, особено во врска со кампањата на Србија за повлекување на признавањата на Косово. Тој исто така рече дека Цакај го информирал дека за време на неговото претседателство со ОБСЕ, Албанија е подготвена да му помогне на Косово да најде начин за Косово да влезе во таа европска организација.
Вршителот на должноста министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, истакна дека е горд што е во својата родна земја и што може да ја поддржи новата Влада на Косово. Тој се заблагодари за солидарноста покажана од народот на Косово по земјотресот што ја погоди Албанија минатата година, велејќи дека земјотресот покажал колку е симболична границата меѓу двете држави.
„Всушност, границите меѓу Република Косово и Република Албанија не треба да постојат воопшто, тие треба да бидат отстранети веднаш и нашите земји треба да уживаат во неограничена слобода на движење и непречена можност за продлабочување на економската соработка“, рече Цакај.
Тој изјави дека разговарал со министерот Коњуфца за заедничките дипломатски мисии во светот и дека тие се согласиле да ги мобилизираат работните групи што ќе подготват план за работа за да ја продолжат таа успешна соработка.
Тој рече дека досега се отворени заеднички конзулати во Бари, Минхен, Копенхаген, како и заедничка амбасада во Канбера, Австралија. Цакај истакна дека предложил создавање на заедничка политичка платформа за лобирање за признавање на Косово и за размена на практики во процесот на евроатлантските интеграции.
Цакај потсети дека работата на Албанија за помагање на сите Албанци во регионот е засилена. Тој рече дека е завршена постапката за отворање на Генералниот конзулат во Улцињ, Црна Гора, дека се завршени процедурите за отворање конзулати во Струга, Северна Македонија и дека се чека одговор од Србија за отворање конзулати во Прешевската Долина.
Тој истакна дека е многу важно и тоа што за првпат е формирана коалицијата на политички партии на Албанцита во Прешевската Долина, која со еден заеднички список ќе излезе на претстојните избори во Србија. Цакај рече дека покрај албанската Влада, косовскиот претседател Хашим Тачи, исто така, придонел во договорот.
Според него, коалицијата значи обединување на политичкиот спектар на Албанците во Прешевската Долина, зголемување на капацитетот за одбрана на правата на Албанците кои често се загрозени во Србија, како и директна врска со Албанија.