Abdula Berisha
20 Февруари 2020•Ажурирај: 21 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи во техничката Влада на Република Северна Македонија, Наќе Чулев, на прес-конференција информираше за вчерашната полициска акција за сузбивање на недозволена трговија со дрога, јавува Агенција Анадолија (АА).
- Чулев: „Пасошката криза е последица на неинтегрално решавање на проблемот со личните документи“ -
Министерот Чулев изјави дека акцијата била во рамки на меѓународна полициска соработка во која биле вклучени повеќе земји, без да наброи други држави.
Чулев рече дека во рамки на акцијата, во скопското село Крушопек бил откриен и запленет еден килограм кокаин, при што истакна дека тоа е само дел од поголемо количество кое од Колумбија требало да заврши во државата. Тој истакна дека дрогата во Северна Македонија влегла од Албанија, а била превезувана со камион натоварен со банани.
„При извршениот детален претрес на магацинот и камионот со кој се превезувале бананите, во еден од пакетите било пронајдено едно правоаголно пакување со непозната бела прашеста материја, кокаин, кое било облепено со зелена трака. Тоа е одземено и предадено на понатамошно вештачење“, изјави Чулев, додавајќи дека во акцијата се одземени и мобилни телефони, парични средства, товарното моторно возило со 1.098 пакети банани.
Министерот исто така рече дека по завршување на претресот од слобода се лишени четири лица, меѓу кои и 31-годишниот Ј. К., државјанин на Црна Гора, кој бил возач на камионот.
Останатите три лица се македонски државјани, и тоа сопственикот на правното лице за кое се претпоставува дека е краен примач на стоката, 47-годишниот С. Е., како и Ј. Е. и Р. И., кои биле затекнати во магацинот додека се вршел истовар на стоката.
Чулев изјави дека Министерството за внатрешни работи ќе преземе активности за утврдување на останати правни или физички лица кои би можеле да бидат вклучени во оваа нелегална активност.