Балкан

Чулев: „Пасошката криза е последица на неинтегрално решавање на проблемот со личните документи“

Министерот за внатрешни работи во техничката Влада на Република Северна Македонија, Наќе Чулев, рече дека „пасошката криза“ е последица на неинтегрално решавање на проблемот со личните документи

Abdula Berisha   | 20.02.2020
Чулев: „Пасошката криза е последица на неинтегрално решавање на проблемот со личните документи“ Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Граѓаните на Република Северна Македонија не се во можност навремено да добиваат патни исправи поради недостиг на обрасци за лични документи, јавува Агенција Анадолија (AA).

Министерот за внатрешни работи во техничката Влада на Република Северна Македонија, Наќе Чулев, одговарајќи на новинарски прашања, на денешната прес-конференција рече дека „пасошката криза“ е последица на неинтегрално решавање на проблемот со личните документи.

„Според тоа што беше утврдено во Министерството за внатрешни работи, а јас побарав детална информација која на 7 јануари ми беше доставена од сите надлежни служби во МВР, вклучително имав состанок и со Управувачкиот комитет, значи „пасошката криза“ е резултат на неинтегрално решавање на проблемот со личните документи“, рече Чулев.

Тој објасни дека 10-годишниот договор со компанијата добавувач истекол во 2017 година, и оттогаш биле склучени двегодишни рамковни спогодби, наместо да се склучи нов долгогодишен договор.

Претходно, Чулев го има известено Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за постоење индиции за злоупотреба на службената положба.

Чулев истакна дека овој проблем го наследил од поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој сега е премиер во техничката Влада.

Од друга страна, Спасовски на прес-конференција одржана во Владата на Северна Македонија рече дека во времето додека бил министер за внатрешни работи, немало проблем во јавноста во делот на пасошите.

Тој исто така рече дека истражните органи слободно можат да ги проверат сите аспекти, додавајќи дека не бега од одговорноста ако е негова.

Потсетуваме, предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се закажани за 12 април оваа година.

Според Законот за Влада, најмалку 100 дена пред изборите, односно на 3 јануари, премиерот поднесе оставка и на чело на техничката Влада дојде дотогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а за технички министер за внатрешни работи беше именуван Наќе Чулев од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.