Северна Македонија потпиша Меморандум за разбирање со Фронтекс
- Меморандумот за разбирање за механизмите за жалби е потпишан врз основа на договорот меѓу Европската Унија (ЕУ) и Северна Македонија за оперативните активности што ги спроведува Фронтекс во земјата
СКОПЈЕ (АА) - Северна Македонија и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) потпишаа меморандум за разбирање за механизмите за жалби во врска со активностите што ги спроведува Фронтекс во Северна Македонија, пренесува Анадолу.
Како што објави Министерството за внатрешни работи, официјалната церемонија на потпишување е одржана во седиштето на Фронтекс во Варшава, Полска, на која присуствувале шефот на Кабинетот на министерот за внатрешни работи, Ристо Ставревски, и државниот советник во Кабинетот на министерот, Владимир Велковски.
Меморандумот за разбирање за механизмите за жалби е потпишан врз основа на договорот меѓу Европската Унија (ЕУ) и Северна Македонија за оперативните активности што ги спроведува Фронтекс во земјата.
Меморандуми за разбирање потпишаа и Црна Гора и Србија.
Според Министерството, потпишувањето на овој меморандум за разбирање ја потврдува добрата волја за продлабочување на воспоставената соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и Фронтекс.
„Целта и опсегот на овој меморандум за разбирање е да се обезбеди соработка меѓу двата постоечки механизми за жалби во рамките на нивните надлежности за размена на информации поврзани со наводите за повреда на основните права за време на сите оперативни активности на Фронтекс на територијата на (Северна) Македонија“, соопшти Министерството.
На настанот одржан е и состанок на шефовите на граничните полиции, на кој учествуваа претставници на Одделот за гранични работи и миграција при МВР, каде се разгледани оперативните одговори на актуелните безбедносни предизвици на границите.
Учесниците ја потврдија својата посветеност на продлабочување на соработката во управувањето со границите, нагласувајќи ја важноста на заедничката одговорност за безбедни и добро управувани граници.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
