Bekim Laci
12 Октомври 2017•Ажурирај: 13 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Македонија потпиша меморандум за разбирање со комбинатот „Југохром“, со којшто се предвидува фабриката повторно да започне со работа, под гаранции дека сопственикот ќе постави филтри за да ги исполни задолжителните еколошки стандарди утврдени за овој вид индустрија, јавува Anadolu Agency (AA).
Меморандумот го потпишаа вицепремиерот Кочо Анѓушев, директорот на Друштвото за производство, трговија и услуги „Југохром Алзар“, Васко Скендеровски, и претседателот на синдикалната организација на Југохром, Бајрам Амити.
Вицепремиерот Анѓушев, во изјава за медиумите истакна дека со потпишувањето на меморандумот, станува јасно оти фабриката ќе продолжи со работа, дека сопствениците ќе инвестираат во поставување на филтрите за кои, како што рече тој, сега постои потпишан договор.
Анѓушев нагласи дека Владата ќе се грижи за сите административни работи врз основа на надлежностите, бидејќи се работи за мошне значаен производен капацитет за Полошкиот регион. Според него, вработените отпуштени од работа добиваат гаранција дека ќе се вратат на нивните работни места.
„Сакам да напоменам дека ќе бидат задоволни еколошките здруженија и сите граѓани кои со право имаа забелешка за работењето на 'Југогром' од еколошки причини и дека 'Југохром' ќе почне да работи по поставувањето на филтерот“, рече Анѓушев.
Директорот на Друштвото за производство, трговија и услуги „Југохром Алзар“, Васко Скендеровски, пренесе дека меморандумот многу јасно ги информира страните потписници за обврските што ги преземаат за Југохром повторно да започне со работа.
„Нема место за страв дека Југохром ќе работи без филтри. Напротив, ова е дополнителен мотив што ќе нѐ мотивира колку што е можно побрзо да го комплетираме целиот систем за отпрашување којшто ќе оди етапно, ќе бидат направени филтрите на печките 7 и 8, а потоа на останатите“, рече Скендеровски.
Претседателот на синдикалната организација на Југохром, Бајрам Амити, кој ги претставува вработените што веќе една година се отпуштени од работа, истакна дека има голем број скептици кои му се обраќаат со сомнеж дека комбинатот може да започне со работа без филтри.
„Јас сум уверен дека владата ќе најде механизам да изврши притисок кон инвеститорот, за уште отсега да почне со вложување за тој систем за отпрашување, за тој да се заврши навремено, и ние да почнеме со работа“, рече Амити.
Во 2005 година, Владата на Македонија усвои законски измени, според коишто загадувачите треба да ги исполнат еколошките стандарди до 1 април 2014 година. На неколку дена пред истекувањето на рокот, „Југохром“ бараше повеќе време од владата, која го постави последниот рок за исполнување на еколошките стандарди до 31 октомври 2014 година.
По овој датум, надлежните органи му дадоа и неколку други рокови на „Југохром“, но комбинатот продолжи со работа до 2 ноември минатата година, кога Државниот инспекторат за животната средина донесе одлука за да се сопрат сите печки поради непочитување на крајниот рок за поставување на филтрите.