Besar Ademi
31 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
ЖЕЛИНО (АА) - Вработените во комбинатот „Југохром“ од Јегуновце, Тетово, во знак на протест се собраа на патарината во Желино и го блокираа автопатот Тетово – Скопје во двете насоки. Причината за ова е, како што велат, неоправданото затворање се комбинатот „Југохром“, каде што се очекува да ги поднесат барањата на синдикатот за повлекување на одлуката за суспендирање на работата на комбинатот, јавува Anadolu Agency (AA).
Комбинат„Југохром“ е затворен од 2 ноември минатата година, откако Државниот инспекторат за животна средина донесе одлука за прекин на работата на печките на комбинатот во рок од 90 дена, поради кршење на крајниот рок за поставување филтри. Вчера инспекторите донесоа одлука за продолжување на прекинот на работата за 90 дена.
Поради револтот на околу 700 вработени во овој комбинат, во организација на Синдикатот „Југохром Алзар“ тие по вторпат го блокираат автопатот Тетово – Скопје, барајќи повторно отворање на овој комбинат. И покрај анализите на граѓанското општество, кои покажуваат дека воздухот е 40 проценти почист по затворањето на комбинатот, синдикатот ја брани позицијата дека „Југохром“ и без поставување на филтрите, не е главниот загадувач на воздухот во областа Полог.
Инаку, граѓаните на Тетово, револтирани од лошата еколошка состојба во градот, неколкупати излегоа на улиците за да побараат од надлежните органи да преземат мерки за намалување на загадувањето на воздухот во регионот каде што комбинатот „Југохром“, кој работеше без филтри, се сметаше за најголем загадувач во регионот Полог.
Комбинатот „Југохром“ произведува челик, железо и железни легури, а работи од 1952 година. Според експертите, од тоа време овој комбинат се смета за најголем загадувач во регионот Полог.
Во 2005 година, Владата на Република Македонија усвои законски измени со коишто загадувачите беа обврзани да ги исполнат еколошките стандарди во зададениот рок, до 1 април 2014 година. „Југохром“ на неколку дена пред крајниот рок побара повеќе време од страна на владата, која одлучи краен рок за исполнување на стандардите за животната средина да биде најдоцна до 31 октомври 2014 година.
По тој датум, надлежните органи му дадоа на „Југохром“ уште неколку дополнителни рокови, но комбинатот ја продолжи работата до 2 ноември минатата година, кога Државниот инспекторат за животна средина донесе одлука да ја прекине работата на сите печки поради неусогласеност со крајниот рок за поставување филтри.