Furkan Naci Top
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
АТИНА (АА) – Уште едно лице, бегалец го загуби животот во бегалскиот камп „Мориа“ на грчкиот остров Лезбос, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите, се работи за лице – бегалец од Пакистан, на околу 20-годишна возраст, чие мртво тело е пронајдено во бегалскиот камп „Мориа“ на грчкиот остров Лезбос.
Бројот на починатите бегалци во кампот за оваа недела се искачи на три лица.
Причините за смртта сѐ уште не се обелоденети, но се претпоставува дека смртта настанала како последица на труење со гас, кој протекол од грејното тело во шаторот.
Во истиот бегалски камп минатиот вторник беше пронајдено мртвото тело на 22-годишен бегалец од Египет, а во саботата пак, во бегалски шатор било пронајдено мртво тело на 45-годишен бегалец од Сирија.
По овие последователни смртни случаи беше соопштено дека на островот се испратени експерти од судска медицина за да ги истражат причините за смртта.
Од друга страна пак, по затворањето на границите на европските држави, бегалците кои останаа заглавени во Грција се борат со тешките зимски услови во камповите во кои се наоѓаат.
Во изминатите недели во кампот „Мориа“, стотици бегалци преживеаја тешки денови во летните шатори, поради студениот бран што ја зафати државата, како и интензивните врнежи од снег.
Грчките власти, пак, кои зимските услови ги фатија неподготвени, како решение за овој проблем го испратија кон пристаништето во Лезбос спасувачкиот брод „Лесвос“ на грчката морнарица, со намера да ги сместат бегалците на него.