Besar Ademi
31 Јануари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вработените во комбинатот „Југохром“ од Јегуновце, Тетово, во организација на Синдикатот „Југохром Алзар“, околу два часа го блокираа автопатот Тетово – Скопје во двете насоки, барајќи од владините органи да ја повлечат одлуката за суспендирање на работата на овој комбинат, кој е затворен од 2. ноември минатата година поради непочитување на рокот за поставување филтри, јавува Anadolu Agency (AA).
Вработените кои се собраа на патарината во Желино велат дека затворањето на комбинатот „Југохром“ е неоправдано, бидејќи околу 700 вработени во овој комбинат немаат никакви приходи и не можат да се грижат за своите семејства. И покрај анализите на граѓанското општество, кои покажуваат дека воздухот е за 40 проценти почист по затворањето на комбинатот, синдикатот ја брани позицијата дека „Југохром“, и без поставување на филтрите, не е главниот загадувач на воздухот во областа Полог.
Тие бараат од македонската Влада да ја повлече одлуката за прекин на работата на печките од комбинатот и во исто време, паралелно да се работи на поставувањето на филтри, бидејќи според нив, постои законска можност којашто предвидува продолжување на работата до четвртиот месец од 2019 година.
Претседателот на синдикалната организација „Југохром Алзар“, Бајрам Амити, рече дека тие како вработени во „Југохром“ не сакаат комбинатот да работи без филтри до 2019 година, но бараат продолжување на рокот за 18 месеци за поставување на филтрите, период во кој, како што рече, ќе бидат во можност да се стават филтрите.
„Апелирам до властите да донесат позитивна одлука за судбината на „Југохром", но да ја земат предвид и судбината на 700 вработени во овој комбинат, нивните семејства, вклучувајќи го и придонесот на комбинатот во локалната и во националната економија“, рече Амити.
Тој додаде дека на различни начини ќе продолжат да бараат од Владата да се повлече одлуката за суспендирање на работата на комбинатот, но не откри детали на каков начин ќе го изразат својот револт.
Инаку, комбинатот „Југохром“ е затворен од 2 ноември минатата година, откако Државниот инспекторат за животна средина донесе одлука за прекин на работата на печките од комбинатот во рок од 90 дена, поради кршење на крајниот рок за поставување филтри. Вчера инспекторите донесоа одлука за продолжување на прекинот на работата за 90 дена.
Пред затворањето на комбинатот, граѓаните на Тетово, револтирани од лошата еколошка состојба во градот, неколкупати излегоа на улиците за да побараат од надлежните органи да преземат мерки за намалување на загадувањето на воздухот во регионот каде што комбинатот „Југохром“, кој работеше без филтри, се сметаше за најголем загадувач во регионот Полог.
Комбинатот „Југохром“, кој произведува челик, железо и железни легури, работи од 1952 година, а според експертите, од тоа време овој комбинат се смета за најголем загадувач во регионот Полог.
Во 2005 година, Владата на Република Македонија усвои законски измени со коишто загадувачите мораа да ги исполнат еколошките стандарди во рокот до 1 април 2014 година, а „Југохром“ на неколку дена пред крајниот рок побара да му биде дадено повеќе време од страна на владата, која одлучи краен рок за исполнување на стандардите за животната средина да биде најдоцна до 31 октомври 2014 година.
По тој датум, надлежните органи му дадоа на „Југохром“ уште неколку други рокови, но комбинатот ја продолжи работата до 2 ноември минатата година, кога Државниот инспекторат за животна средина донесе одлука да ја прекине работата на сите печки поради неусогласеност со крајниот рок за поставување филтри.