Sanja Janackovic
31 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
БЕЛГРАД (АА) - За понатамошно зајакнување на пријателските врски, премиерите на Србија и на Грција, Александар Вучиќ и Алексис Ципрас, на состанокот во Белград се согласија да формираат заеднички Врховен совет и одржување на заедничка седница на владите напролет во Солун, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ веднаш по разговорот изјави дека со својот соговорник разговарале за три клучни теми - економската соработка, зајакнувањето на меѓусебните односи и регионалната стабилност.
Тој наведе дека трговската размена меѓу Србија и Грција во 2016 година изнесувала 377 милиони евра, со исклучок на месец декември.
„Сметаме дека тоа не е доволно, можеме да сториме многу повеќе за зголемување на трговската размена, за што многу е важен туризмот. Грција официјално е првата дестинација за нашите граѓани, но првпат имаме пораст на бројот на грчки туристи. Тоа се 52.070 туристи, односно раст од 37 отсто“, рече Вучиќ
Тој најави дека Србија ќе го зголеми извозот на земјоделско-прехрамбените производи, како и тоа дека ќе биде изградена подобра пруга Белград-Солун која, според неговите проценки, ќе ги поврзе за шест часа.
Тој се заблагодари на Грција за поддршката на европскиот пат, а на грчките инвеститори за инвестирањето во Србијa.
„Разговаравме и за регионалната стабилност и го поддржуваме учеството на Грција во Берлинскиот процес. Сметаме дека Грција е една од клучните земји на Балканот. Благодарни сме ѝ бидејќи не ја призна независноста на Косово“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека, иако односите на двете земји се добри, не се навикнати седум години да нема средби на ниво на премиери, поради што е одлучено да се одржи заедничка седница на владите, за која ќе се подготват конкретни мерки за меѓусебна соработка. За тоа говореше и Ципрас.
„Врховниот совет во Солун ќе заседава напролет, а можностите за соработка се во областа на инфраструктурата, енергетиката, висока технологија. Ние планираме и железничко поврзување на Белград со Солун со цел да ги зближиме двете земји и да направиме модерна железничка мрежа“, рече Ципрас.
И двајцата премиери го нагласија пријателството меѓу своите земји.
„Нашите два народа се поврзани со историски врски. Имаме заедничка духовна и црковна традиција и заеднички пат во тешките историски моменти кога нашите народи се најдоа на иста страна“, се присети Ципрас на Втората светска војна и на солидарноста на Грција за време на бомбардирањето на Србија.
Грчкиот премиер нагласи дека оваа година се навршуваат 150 години од склучувањето на дипломатските односи меѓу Србија и Грција, што, како што рече, претставува значаен повод за понатамошно зајакнување на меѓусебните односи меѓу двете земји. Тој додаде дека се договорени конкретни чекори во врска со тоа, а ја нагласи и политичката поддршка.
„Ја поддржувам желбата Србија да стане членка на Европската Унија“, рече Ципрас.
Да потсетиме, Ципрас заедно со неговата делегација во утринските часови пристигна на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, каде што со највисоки државни почести беше пречекан од српскиот премиер Александар Вучиќ. Свечен дочек се одржа и пред Палатата на Србија.
Во текот на денот се одржаа состаноци на високите претставници, а попладне ќе се одржи бизнис форумот Грција - Србија во организација на Стопанската комора на Србија.