Haris Suleyman
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи на Република Македонија (РМ) и Институтот за европски студии при кинеската Академија за општествени науки, потпишаа меморандум за разбирање меѓу двете институции, во рамките на кинескиот проект „Еден појас, еден пат“ што се води во соработка со 16 земји од Централна и Источна Европа, меѓу кои и Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика, Абдулкадир Мемеди истакна дека на почетокот, кога за првпат беше лансиран овој проект, имаше многу земји и многу актери што делумно или целосно беа скептични околу прашањето за тоа како ќе се одвива и како ќе се развива проектот.
„Овој проект не е едностран проект, односно проект на еднонасочна улица, туку на двонасочна улица. Значи проект којшто секако го запазува принципот на „вин-вин“ победници на двете страни. Втората причина што го прави овој проект да биде успешен е тоа што овој концепт на соработка се заснова на конкретни проекти, на нешто што може да се види, да се допира и да се почувствува во реалниот сектор во економијата, во инфраструктурата на РМ итн.“, истакна Мемеди како одговор на прашањето кое што се поставува околу причините за успехот на проектот, пренесувајќи дека овој проект, сè повеќе демонстирира конструктивност и успех во резултатите коишто ги постигнува.
Мемеди исто така посочи дека најважниот принцип во интензивирањето на соработката во рамките на овој концепт е дека овој проект во никој случај не ги доведува во прашање другите стратешки интереси и националните приоритети и интереси на овие земји-членки на процесот за соработка, што во никој случај не ги доведува во прашање стратешките интереси за евроатлантска интеграција, ниту на Република Македонија, ниту на земјите-членки на проектот.
Заменикот генерален директор на кинескиот Институт за европски студии, Ченг Вејдонг истакна дека кинеската Академија за општествени науки е најголемата академска институција и истражувачки центар во Кина на полето на филозофијата и општествените науки и дека е еден од највлијателните тинк-тенкови во Кина, а во моментов има 39 истражувачки институти со 3.300 истражувачи. Во врска со европскиот институт, пак, Вејдонг рече дека има конкретни оддели коишто се фокусирани на земјите од Централна и Источна Европа.
Тој во своето предавање даде објаснување за новиот концепт на меѓународна соработка што Кина почна да ја промовира. „Многу е јасно дека суштината на новиот вид на меѓународни односи е соработката според принципот ‘сите се победници’. Значи, новиот вид на меѓународни односи е комбинација на историја и иновација. Од историска гледна точка, новиот вид на меѓународни односи не ги негира сите принципи на меѓународниот поредок. Нашата земја исто така се потпира на меѓународниот поредок и ги поддржува меѓународните институции. Градењето нов вид меѓународни односи значи соработка“, изјави Вејдонг.
Вејдонг ја пренесе и изјавата на кинескиот министер за надворешни работи, кој вели дека новиот вид на меѓународни односи има за цел конфронтацијата да ја замени со соработка и ексклузивно да се потпира на соработката. Според него, тоа значи да се одбегне принципот дека победникот зема сѐ.
Откако заврши предавањето на Ченг Вејдонг, Мемеди изјави дека оваа соработка ќе се подигне на повисоко ниво, коешто ќе стигне до соработка меѓу Македонската академија за наука и уметност (МАНУ) и кинеската Академија за општествени науки.