Besar Ademi
27 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, во претседателската резиденција „Вила Водно“ му го достави на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, доказот дека обезбедил парламентарно мнозинство за формирање на новата влада со потписите на 67 пратеници од неговата партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), движењето Беса и Сојузот за Албанците, јавува Anadolu Agency (AA).
Кабинетот на претседателот претходно најави дека по поднесувањето на доказите за обезбедено мнозинство, претседателот Иванов се очекува да донесе одлука во наредните денови.
Пред поднесувањето на потписите до претседателот на државата, Ѓорге Иванов, лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека очекува Иванов колку што е можно побрзо да му го предаде мандатот за формирање на новата влада, со цел да започнат разговорите за формирање на новата влада.
„Ова е голем историски ден за Република Македонија. Во рака држам 67 потписи на пратеници од македонското Собрание коишто гарантираат можност за нова Влада за граѓаните на Македонија. Истовремено, овие потписи овозможуваат да заврши кризата во Република Македонија и конечно државата да се придвижи напред во функција на враќање на животот во Македонија“, изјави Заев.
До сите сите граѓани и институции на државата, Заев порача дека следува период на мирен и брз пренос на власта во Македонија.
Инаку, по изборите на 11. декември, Иванов му го додели мандатот за формирање на новата влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во рок од 20 дена не успеа да формира парламентарно мнозинство, по што Иванов ги повика на консултации лидерите на партиите кои добија пратенички места во Собрание на Република Македонија.
По консултациите со политичките лидери, претседателот Иванов рече дека мандатот за формирање на новата влада ќе го преземе партијата или коалицијата што ќе докаже дека го освоила мнозинството во Парламентот, но ги услови со два приоритета: првично одбрана на државните интереси, што според него значи заштита и зајакнување на унитарниот карактер на државата и, како второ, системски реформи по кризата во кои ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност.