Admir Fazlagikj
29 Мај 2016•Ажурирај: 29 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) – Во главниот град на Босна и Херцеговина заврши пленарниот состанок на претседателите на земјите од Југоисточна Европа во рамките на процесот Брдо-Бриони, меѓу беше и претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов кој изјави дека предизвикот со мигрантската криза треба да се менаџира, Македонија добро се снајде но очекува поддршка и помош за тоа што следува, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова беше уште еден успешен самит на кој можеше да се слушне сето она што во моментот се случува во ЕУ, колку ЕУ се повеќе е преокупирана со самата себе и со прилагодување кон новите предизвици во светот. Во тој контекст беше отворено и прашањето за мигрантската криза, која не се решава ниту бирократски, ниту дипломатски, туку треба да се менаџира и тоа на дневна основа. Ние навистина добро се снајдовме со мигрантите, но очекуваме поддршка и помош за тоа што следува" , истакна Иванов денес во Сараево, по учеството на средбата на лидерите на „Брдо-Бриони процесот“.
Од страна на македонскиот претседател Иванов, било посочено дека Македонија, Србија, Хрватска и Словенија успешно се справиле со првиот бран мигранти, но сето она што доаѓа.
„Укажавме дека ние како Македонија ги истрошивме сите наши ресурси, затоа што нашата Армија и полиција ги користат буџетските средства кои се однесуваат на безбедносниот аспект на кризата. Хуманитарниот аспект го покриваат хуманитарните организации, меѓународни организации, наши домашни компании, хумани луѓе... Но, веќе сме исцрпени. Ако дојде втор бран мигранти тогаш мора да се најде начин многу поефикасно да се пристапи, многу побрзо да се менаџира целиот тој процес, затоа што кога беше првиот бран имавме многу неусогласеност на европските институции, нивното функционирање и бавно реагирање за изнаоѓање решение, истакна претседателот Иванов.
Според него, довербата што ја стекнавме при првиот бран мигранти неопходно е сега да се користи и да се интензивира, особно летните месеци кога, како што рече, се очекуваат големи бранови мигранти од Африка, кои ќе доаѓаат кон Македонија и кон Италија.
„Тоа е предизвик кој нема да заврши во кратки периоди, туку со него ќе се соочуваме долги години", истакна Иванов, додавајќи дека овој форум сериозно се осврнал на тоа прашање.
„Брдо бриони процесот“ со секое негово одржување, според македонскиот претседател Иванов, станува еден од најсериозните форуми од нашиот регион бидејќи, како што рече, секогаш доаѓаат гости од членки на ЕУ кои изворно од претседателите на регионот можат да ги слушнат сите прашања и предизвици со кои се соочува секоја земја од регионот.
„Овојпат беше италијанскиот претседател Матарела кој укажа на сите проекти и сето она што Италија го прави за нашиот регион и како поддржувач на регионот се залага за ЕУ, она што е и цел на овој процес – забрзана интеграција во ЕУ на сите земји членки од нашиот регион, но и забрзана интеграција во НАТО на тие што изразиле желба да бидат членки на Алијансата" , рече Иванов. За разлика од другите вакви самити, тој укажа на фактот дека на овој форум се разговара искрено и отворено за сите прашања, без дипломатски речник.
- Следниот „Брдо - Бриони процес“ ќе биде во Македонија
Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов најави дека следниот „Брдо - Бриони процес“ ќе биде во Македонија.
„Тоа ќе биде можност Македонија да ги изнесе своите искуства, но и сите свои фрустрации од блокадите што ги има досега", изјави претседателот Иванов.
На состанокот, на кој специјален гостин беше претседателот на Италијанската Република Матарела, а освен македонскиот претседател Иванов, учествуваа и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишании и на Косово Хашим Тачи.
„Брдо-Бриони процесот“ е инициран од Словенија и Хрватска во 2013 година, со цел регионална соработка и решавање на отворени прашања. Сараево е четвртиот домаќин на лидерите на овој Процес. Првиот редовен состанок се одржа на Брдо, кај Крањ, на кој како специјален гостин присуствуваше францускиот претседател Франсоа Оланд. Вториот состанок се одржа во Дубровник, каде што присуствуваше и германската канцеларка Ангела Меркел, додека третиот беше во Будва, со присуство на австрискиот претседател Хајнц Фишер. Имаше и еден вонреден состанок на кој домаќин беше претседателката на Хрватска Грабар-Китаровиќ, а специјален гостин американскиот потпретседател Џо Бајден.