Ivana Ramadanova
01 Јуни 2016•Ажурирај: 01 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Дваесет години од формирањето на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) беа одбележани денеска во Софија со Самитот на шефови и влади на земјите членки на иницијативата на кој учествуваше македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Самитот, насловен „ПСЈИЕ - 20 години клуч кон регионална соработка" е всушност последниот настан што се организира во рамки на бугарското претседателство со ПСЈИЕ, кое од денеска го презема Хрватска, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, тој изјави дека главната порака од јубилејот од основањето на ПСЈИЕ се праќа до младите во регионот дека своите очекувања може да ги остварат во регинот. Членки на ПСЈИЕ се 13 држави од регионот, што во бројки би значело околу 150 милиони жители.
„Со самото тоа што овој Самит се држи во еден иновативен парк (Софија Тех Парк) се праќа порака до младите дека своите очекувања може да ги остварат и тука, а не да одат и своите знаења да ги пренесуваат во развиените земји. Ова е еден симболичен почеток и рестартирање на еден процес, кој е многу попрагматичен и директен затоа што се занимава со прашања како инфраструктура, енергија, меѓусебно поврзување, проекти од кои имаат корист целиот регион", рече Иванов.
Овој процес, како што додаде македонскиот претседател, доведе до дијалог и помирување меѓу државите, враќање на довербата и комуникација на сите што живеат во регионот.
Според соопштението, на отворањето, домаќинот на Самитот бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, истакна дека единствен пат кон мирот и просперитетот во регионот е патот на соработката, партнерството, на владеењето на законите и човековите права и слободи.
„Нашиот регион е незаобиколлив фактор на геополитичката сцена, а земјите од регионот се посилни, поконкуретни, поатрактивни за инвеститорите и можат да осигураат мир и просперитет за своите народи", рече Плевнелиев.
На самитот учествуваат и претседателите на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Косово Хашим Тачи, на Молдавија Николае Тимофти, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ, премиерот на Романија Дацијан Циолош, заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер и на генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.
Земјите членки на Процесот се очекува денеска да усвојат јубилејна декларација по повод дваесетгодишнината, која треба да ја отслика улогата на ПСЈИЕ како клучен политички формат за одржливо партнерство во Југоисточна Европа и водечка платформа за европска и евроатлантска интеграција.