Муртезани од Стразбур: „Нашиот долг евроинтегративен пат не ја поколеба нашата визија за полноправно членство“
- „За Северна Македонија, европскиот пат никогаш не бил далечна аспирација. Тој отсекогаш претставувал секојдневна задача, дисциплиниран напор посветеноста да се претвори во резултати...“
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ - Северна Македонија, што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент во Стразбур, пренесува Анадолу.
Состанокот, на кој копретседаваа пратеници од Европскиот парламент и од Собранието на Република Северна Македонија, беше посветен на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, со акцент на фундаменталните права и слободата на изразување, владеењето на правото и борбата против корупцијата, напредокот во пристапните преговори, добрососедските односи и регионалната стабилност, како и на прашањата од областа на животната средина, транспортот, енергетиката, инфраструктурната поврзаност, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Во своето обраќање, министерот Муртезани се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес, нагласувајќи ја посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда.
„За Северна Македонија, европскиот пат никогаш не бил далечна аспирација. Тој отсекогаш претставувал секојдневна задача, дисциплиниран напор посветеноста да се претвори во резултати. Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан му даде на овој напор нова димензија. Тој претставува и признание за она што е постигнато и покана за понатамошно продлабочување на напредокот“, истакна Муртезани.
Тој истакна дека земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија.
„Бевме првата земја во регионот која го стави во функција Инструментот за реформи и раст и доби претфинансирање од над педесет и два милиони евра. Реформската агенда што ја донесовме е сеопфатна и амбициозна, опфаќа реформи во управувањето и јавната администрација, владеењето на правото, енергетската и зелената транзиција, дигитализацијата и развојот на човечкиот капитал. Таа им дава структура на нашите реформи и јасност на нашите цели“, рече Муртезани додавајќи дека инвестициската агенда на земјата во рамките на Планот за раст продолжува да се развива и по обем и по визија.
Посочи дека паралелно се работи и на финализирање на патоказите за отворање на поглавјата Владеење на правото и Реформа на јавната администрација, како почетни одредници за кластерот Фундаментални вредности.
Муртезани се осврна и на оценките од Годишниот извештај на Европската комисија за 2025 година, посочувајќи дека извештајот го потврдува континуираниот напредок на Северна Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.
Во обраќањето тој го спомена ветувањето дадено пред повеќе од две децении, во Солун, дека иднината на Западен Балкан е во европското семејство, и порача:
„Тоа ветување мора да продолжи да живее не само преку зборови, туку и преку дела. За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност.“
Тој нагласи дека секоја реформа што ја спроведува земјата ја зацврстува вербата дека „Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки“.
