Балкан

Муцунски од Стразбур: Македонските граѓани остануваат проевропски ориентирани

- Муцунски попладнево учествуваше и имаше свое обраќање на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска Унија, што се одржува денес и утре во Стразбур

Elena Trenchevska Chekovikj  | 26.11.2025 - Обновена : 26.11.2025
Муцунски од Стразбур: Македонските граѓани остануваат проевропски ориентирани

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес од Стразбур рече дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но порача дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на европесимизам, пренесува Анадолу.

Муцунски попладнево учествуваше и имаше свое обраќање на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска Унија, што се одржува денес и утре во Стразбур.

Според соопштението на Министерството, пред членовите на Комитетот, Муцунски истакнал дека Стразбур како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности кон кои земјата е посветена веќе две децении, потсетувајќи дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус.

Тој посочил дека државата е 100 % усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.

„Муцунски подвлече дека државата веќе докажува дека може да придонесува кон стабилноста на регионот и Унијата, меѓу другото и преку првото партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ во рамките на Западен Балкан“, истакнато е од Министерството.

Министерот посочил дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив, како и дека македонскиот јазик, идентитет и достоинството на граѓаните не се и не може да бидат предмет на преговарање.

„Државата останува конструктивен партнер во регионот, посветена на добрососедските односи, исполнувањето на меѓународните обврски и унапредувањето на соработката со сите соседи каде што тоа носи конкретни придобивки за граѓаните“, потенцирал Муцунски.

На крајот од обраќањето, Муцунски повикал на партнерство засновано на јасни, предвидливи и фер критериуми, со уверување дека заеднички може да се претвори евентуалниот европесимизам во обновен европски оптимизам.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.