Министерот Муцунски во работна посета на Литванија, средба со колегата Будрис
- Шефовите на дипломатијата на Северна Македонија и Литванија дискутирале за низа теми, а акцент бил ставен на европските интеграции, истакнувајќи ја потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес и утре престојува во работна посета на Вилнус, Литванија, известува Анадолу.
Во рамките на првиот ден од посетата министерот Муцунски се сретна со својот домаќин, министерот за надворешни работи на Литванија, Кештутис Будрис.
Двајцата министри на средбата го изразиле задоволството што посетата се реализира во година во која двете држави одбележуваат 30 години дипломатски односи.
Муцунски и Будрис ја нагласиле подготвеноста за унапредување на партнерството и соработката во повеќе области што се од заемен интерес.
Шефовите на дипломатијата на Северна Македонија и Литванија дискутирале за низа теми, меѓу кои билатералната соработка, координацијата во рамките на мултилатералните организации и партнерството во НАТО.
Во текот на средбата особен акцент бил ставен на европските интеграции, при што била нагласена потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот, особено пред претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.
Министерот Муцунски изразил благодарност за континуираната поддршка од Литванија, како и за солидарноста и помошта што Северна Македонија ја доби по пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Двајцата дипломати разговарале и за актуелните безбедносни прашања, вклучително состојбата во Украина и предизвиците поврзани со европската безбедност и стабилност во регионот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
