Bahattin Gönültaş
02 Февруари 2016•Ажурирај: 02 Февруари 2016
САНТИЈАГО (АА) - Побарувачката за турската индустриска стока е во постојан пораст, рече Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Турција во текот на посетата на Чиле и додаде дека трговската размена помеѓу двете земји додатно ќе се зголеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател, кој се наоѓа на турнеја низ земјите од Латинска Америка за кои смета дека ќе отворат бројни стратешки важни врати за неговата земја, говореше на чилеанско - турскиот бизнис форум во Сантијаго.
Ердоган кажа дека двете земји брзо растат и дека нивниот углед на меѓународната сцена е сè поголем.
„Позитивните чекори треба да се одразат на нашите билатерални односи”, рече Ердоган и додаде: „Сметам дека оваа посета се случи во вистински момент. Можеме да видиме дека луѓето од нашите две земји, кои живеат далеку едни од други, се среќаваат и зборуваат за различни теми од културата. Прифаќањето на турските ТВ серии во Чиле ни причинува задоволство.”
Најголем дел од светското производство на литиум, кој е важен составен дел на батериите и електричните автомобили, стигнува од Чиле. Во оваа јужноамериканска држава се произведуваат големи количини на бакар.
Турскиот претседател најави одредени подобрувања во поврзувањето на Истанбул и Сантијаго по воздушен пат. Поради тоа, во блиска иднина може да се очекува турската авиокомпанија "Turskih Airllines" да воведе постојана авионска линија помеѓу двата града. Бројот на чилеански туристи кои годишно ја посетуваат Турција се движи колу 17.000, а со воведување на овој лет тој број би можел да се зголеми.
Чиле е прва јужноамериканска држава која со Турција во 2011 година потпиша договор за слободна трговија. Минатата година, трговската размена изнесуваше околу 417 милиони долари, што претставува пад во однос на 2014 година кога е забележана размена во вредност од дури 562 милиони долари.
Според мислењата на турскиот претседател, за многу кратко време трговската размена помеѓу Чиле и Турција би можела да изнесува милијарда долари.
„Единствено е важно да си веруваме едни на други”, рече Ердоган.
Реџеп Таип Ердоган денес ќе ја продолжи својата посета низ земјите од Јужна Америка. По Чиле ќе го посети Перу, а за утре е планирана посетата на Еквадор.