Furkan Abdula
05 Ноември 2021•Ажурирај: 05 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими на средба министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, кој реализира официјална посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, на средбата било разговарано за унапредување на билатералната одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, за која се вели дека сега е на задоволително ниво, при што било изразено очекување за јакнење на оваа соработка, преку отворен и конструктивен дијалог за прашањата од заемен интерес.
„Во контекст на соработката во НАТО како две полноправни членки и соседи, соговорниците констатираа дека усогласувањето на ставовите меѓу двете држави е добро и изразија очекување тоа да продолжи и во иднина“, се нагласува во соопштението.
Се истакнува дека на средбата станало збор и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на Северна Македонија и Албанија и биле разменети мислења и информации за очекувањата на двете држави во пресрет на состаноците на Европската Унија (ЕУ) до крајот на оваа година.
„Претседателот Пендаровски и министерот Пелеши се осврнаа и на соработката во рамките на регионалните иницијативи, во насока на промовирање и унапредување на регионалната стабилност и безбедност“, се додава во соопштението.