Abdula Berisha
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција соопшти дека до Собранието е доставена иницијатива за гласање недоверба на Владата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овој чекор дојде откако премиерот Зоран Заев, кој воедно е и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), ја најави својата оставка поради неповолните резултати за неговата партија по вториот круг од локалните избори одржани на 31 октомври.
Николоски нагласи дека во ниту една демократска земја не се случува премиер да даде оставка и таа да не стигне до Парламентот за осум дена, па затоа одлучиле да ја достават оваа иницијатива до Собранието.
„Иницијативата е подржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Обнова на Македонија, пратениците на коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, пратениците на политичката партија Беса и пратениците на политичката партија Левица“, рече Николоски.
Тој упати апел до претседателот на Собранието на Северна Македонија во најбрз можен рок да свика седница во согласност со законските правила.
„Вкупно, 61 пратеник ја потпишаа оваа иницијатива и 61 потпис се доставени заедно со оваа иницијатива до македонското Собрание. Очекуваме претседателот на Собранието согласно роковите утврдени во Уставот и во деловникот, во најбрз можен рок да свика седница на којашто ќе се гласа за доверба на Владата“, истакна тој.
Николоски рече дека се во преговори и со другите пратеници во Собранието на Северна Македонија, кои, според него, може да гласаат исто така за уривање на Владата.
Што се однесува до прашањето во врска со можен договор за формирање ново парламентарно мнозинство и формирање нова влада, Николоски истакна дека за ова ќе се разговара по, како што рече, првиот чекор, кој е гласање недоверба.